Лидерите на политичките партии во Република Српска вчера заклучија српските претставници во институциите на БиХ, односно Претседателството, Советот на министри и Парламентот на БиХ, да не учествуваат во донесувањето одлуки.
Практично, тоа значи дека српските претставници нема да се повлечат од институциите, но и дека нема да учествуваат во работата и да донесуваат одлуки сè додека не се реши прашањето за наметнатиот закон за забрана за негирање на геноцид во БиХ.
Еден од заклучоците на состанокот во Бања Лука е дека измените на два закона ќе бидат испратени во процедура, објави „Независне новине“ од Бања Лука.
Исто така, било договорено измените и дополнувањата на двата закона да се најдат на седницата на Собранието на РС во петок, како и дека седницата ќе биде затворена за јавноста.
По состанокот на лидерите на парламентарните политички партии од Република Српска, Недељко Чубриловиќ, претседателот на Собранието на РС, рече дека нема услови за работа на српските претставници во институциите на БиХ.
„Никој не се повлекува, но нема услови за работа во Советот на министри, Претседателството на БиХ и Парламентарното собрание на БиХ“, рече Чубриловиќ.
Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ и лидер на СНСД, рече дека одлуката на високиот претставник во заминување Валентин Инцко е одбиена како ништовна и дека српските претставници во институциите на БиХ нема да учествуваат во одлучувањето.
Бранислав Бореновиќ, лидерот на ПДП, рече дека тоа значи дека нема да се носат одлуки во тие институции до натамошно известување, односно додека не се реши прашањето за наметнатиот закон.
Мирко Саровиќ, претседателот на СДС, рече дека сите се согласуваат каква било одлука на високиот претставник никогаш повеќе да не биде прифатена.
Ненад Стевандиќ, лидерот на Обединета Српска, рече дека РС ќе истрае во одлуките донесени од лидерите на политичките партии.
По состанокот на претседателите на парламентарните партии во РС, беа донесени неколку заклучоци.
Политичките претставници на РС ги отфрлаат наметнатите одлуки на високиот претставник и ги сметаат за неприфатливи и ништовни.
Тие сметаат дека нема услови за работа на српските претставници во институциите на БиХ – Претседателството на БиХ, Парламентарното собрание и Советот на министри.
Секое наметнување на ниво на БиХ е одбиено и нема законски висок претставник бидејќи тој не е избран во согласност со процедурите и соработката со него е одбиена, пренесува Танјуг.
На средбата се разговарало и за другите активности што ќе бидат извршени во наредниот период.
Два закони поврзани со оваа тема ќе бидат испратени преку парламентарните клубови, а станува збор за кривични закони.