Хемискиот процес дизајниран и развиен од англиски научник би можел да биде првиот метод за одгледување рубини што го повторува природното формирање на овој скапоцен камен. Според првите проценки, станува збор за одгледување скапоцени камења кои не би биле вештачки, пренесува Би-би-си.
Софи Бунс, која е предавач и истражувач по дизајн на накит на Универзитетот на Западна Англија во Бристол, разви хемиска техника за да го започне процесот на растење на скапоцените камења. Методот овозможува да се умножи мал фрагмент од вистински рубин без да се наруши неговата околина ако скапоцениот камен е, на пример, дел од белегзија, прстен, ланче или некое друго парче накит.
Универзитетот верува дека ова е првиот „ин ситу“ процес на рубин што е успешно спроведен. За да одгледува скапоцени камења, Софи Бунс собирала „семиња“, односно земала парчиња кои биле остатоци од рубини при обработката.
Таа ставила фрагмент од рубин во рамка од платина, како што ќе биде на прстен, а потоа употребила хемиско средство наречено флукс. На овој начин се намалува температурата, што овозможува формирање на скапоцениот камен, односно негов раст.
За разлика од скапоцен камен целосно одгледуван во лабораторија, кој може да биде енергетски интензивен, или скапоцен камен ископан од земја, овие скапоцени камења се одгледуваат во печка од парчиња отпаден материјал и потребни се само неколку дена и пет часа енергија „да порасне“.
„Експериментирам да ги одгледувам во рерна помеѓу пет и 50 часа. За повеќе време ќе добиете кристали кои се малку почисти и поголеми“, објаснила Софи Бунс и додала дека работи на скратување на временскиот процес за да биде поодржлив.
Според неа, методот ја доведува во прашање идејата дека вештачките скапоцени камења се синтетички.