Rimac Automobili ја прекина соработката со Кинезите поради Ујгурите

од Vladimir Zorba
261 прегледи

Rimac Automobili одлучи да ја прекине соработката со кинескиот производител на батерии Camel Group, посочувајќи на американските обвинувања за принудна работа на малцинските Ујгури во провинцијата Ксинџанг, пренесe Ројтерс.

Минатиот август, САД го забранија увозот од Camel Group и Chenguang Biotech Group, производители на зачини и екстракти, како дел од напорите да се елиминира принудната работа од синџирите на снабдување во САД, според Одделот за домашна безбедност.

Пекинг ги отфрли обвинувањата.

Во 2017 година, кинескиот производител на батерии инвестираше 30 милиони евра во групацијата Rimac, со што тогаш беше втор највреден удел во хрватската компанија. Една година подоцна, беше договорено да се изгради заедничка фабрика за електрични мотори и батерии во Кина.

Camel и Rimac планираа да инвестираат 158,2 милиони долари во фабриката во Ксијангјанг, провинцијата Хубеи. Хрватската компанија требаше да обезбеди пет милиони евра, знаење и технологија со што ќе се обезбеди удел од 40 отсто, а остатокот од парите ќе ги обезбеди Camel.

Неодамна, групацијата Rimac, во изјава за германскиот деловен весник Wirtshaftswoche, потврди дека „ги земала предвид наводите за принудна работа во групата Camel“.

Camel, според хрватската компанија, ги прифаќа принципите на одговорен и етички бизнис, наведува Rimac групацијата, додавајќи дека заедничкиот проект не е оперативно активен од 2022 година и „во моментов е во процес на затворање“, пишува германскиот весник.

Кинеската компанија не беше веднаш достапна за коментар, забележа Ројтерс.

Неодамна голем број автомобили од германските марки Audi и Porsche, акционер на Rimac Automobil, останаа заглавени пред американските пристаништа поради царински преглед на делови произведени во Западна Кина кои се предмет на забрана за увоз поради сомневање за принуден трудот, пренесува Хина.

Слични содржини