Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, коментирајќи го денешниот предупредувачки штрајк на вработените во јавната администрација, вечерва ги обвини штрајкувачите дека се политички инструирани. Ристески рече дека „доколку биле исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период, немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка позадина“.
– Доколку беа исцрпени сите демократски инструменти во претходниот период и разговори, навистина немаше да мислиме дека зад тоа нема некоја политичка позадина. А, вака сомнежот е голем дека зад сето ова има некоја политичка позадина, што не е добро, бидејќи преку синдикатите се злоупотребуваат вработените. Имаме еден многу добар и транспарентен однос и јас не гледам причина зошто низ претходен дијалог и разговори во самите министерства, со УПОЗ и со Синдикатот, да дојдеме до некои заедничко решение. Меѓутоа, најдобро би било тоа да се одвива во рамки на Економско-социјалниот совет. Факт е дека навистина платите во одделни институции и министерства се пониски и не содејствуваат со економската состојба во Македонија. Меѓутоа, начинот на кој што се изразува тоа незадоволство како што го видовте денеска преку УПОЗ, истите мислам дека е недозволиво бидејќи навистина има поразлични методи и мерки да се дојде до вистинската цел. Ние како Влада покажавме и докажавме во претходниот период дека сме доста транспарентни и отворени, имаме голем број на комуникации со сите синдикати во Македонија и посебно со УПОЗ. Претходно имавме два Економски-социјални совети на кои што не беше истакнато такво нивно барање за покачување на плата од 30 отсто, рече Ристески вечерва во „Тема на денот“ на телевизијата „Сител“.
Заменик-министерот за економија потенцира дека во наредниот период ќе има покачување на платата и посочи дека секогаш покачувањето на плата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија.
– Јас да напоменам дека во наредниот период ќе има покачување на платата и секогаш покачување на плата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија. Но, тука ќе треба и зголемување на продуктивноста на трудот и зголемување на продуктивноста на административните услуги спрема граѓаните, бидејќи ние не треба да заборавиме дека сепак јавната администрација е сервис на граѓаните. Ако земеме во претходниот период зошто е дојдено до ваква ситуација – претходната Влада правејќи одредени ад-хок решенија и политиканство, има склучено неколку колективни договори спрема некои други закони во одредени институции, мислам во Министерството за финансии. Денеска неправично во неповолна ситуација се доведени вработените во јавната администрација кои работат во различни институции. Денес имаме ситуација кога на исти работни позиции во различни институции или министерства, вработените земат различна плата со таквите штетни колективни договори кои се правени направени без никаква претходна анализа, договор и дијалог, ниту со одобрување од страна на Министерството за финансии бидејќи за тоа не биле обезбедени претходно финансиски средства, што укажува на незаконитоста во донесувањето на тие колективни договори, рече тој.
Предизвикот на оваа Влада, додаде Ристески, е да се направи системско решение на долг рок, каде ќе бидат хармонизирани платите по исти позиции во различни институции во јавниот сектор во државата. Тој вели дека покажуваат голем интерес за донесување на законот за државните службеници, во кој, како што рече, ќе бидат регулирани коефициентите и сите поволности што ќе ги нуди законот за вработените во јавниот сектор, како донесување на 13-та плата, К15 итн.