Ристо Вуков го подобри пласманот за осум позиции

од Берта Китинска

Ристо Вуков стартуваше од 16 место во првата трка од третиот гран при викенд на Порше Карера Куп Италија, но со бравурозно и зрело возење успеа да стигне до 8 место.

Патеката Имола е позната како тешка за престигнување, па тој имаше еден пробив на стартот, а потоа при судирите и излетувањата кои ги имаа неговите ривали доведоа до две излегувања на возилото за безбедност и уште два ре-старти. Во услови на голема изедначеност меѓу автомобилите и тешкотиите за престигнување, Вуков ја сочека својата шанса и ги искористи можностите во овие ре-старти за да го подобри својот пласман.

Во неделната трка која стартува во 13.15 часот со директен пренос на „Телевизија 24“, Вуков ќе појде од 8 место, при што првите 6 ќе ги ротираат своите позиции.

– Како почнав, одлично завршив! Квалификациите беа лоши, разликите мошне мали, па возачите од 9 до 16 место се разликуваа за пола секунда. Бев разочаран и немав волја да возам денес. Но, тргнав без страв, немав што да изгубам, можев само да добијам. Имав одличен старт и досега немам грешки во стартовите, тоа е добро, ми дава некоја самодоверба. Бев доволно стрплив додека траеја судирите на патеката. Го искористив тоа и малку по малку одев напред. Во последните 3-4 круга стигнав до 8 место, Кварезмини ме пројде чисто, но Фестанте во последниот свиок ме истурка при сопирање. Сепак, тој е казнет и јас сум на 8 место.

Вуков откри дека екипата има можност да искористи и еден „џокер“ бидејќи има право на тоа еднаш во текот на сезоната.

– Размислуваме со тимот, сите ние имаме право на еден нов сет гуми, тоа е „џокер“ кој може да се искористи на една од трките. Дилемата е дали тоа да го направиме на оваа трка, имаме време до изутрина да одлучиме. Ви благодарам на сите за поддршката, гледајте ја трката утре од 13.15 и навивајте!

Слични содржини