Роботите ја преземаат и нафтената индустрија

од Vladimir Zorba
218 прегледи

По години на развој, новата целосно автоматизирана платформа за дупчење неодамна дебитираше во Пермскиот басен. Иако нафтената индустрија долго време бараше слични технологии, ограничувањата со кои се соочуваат многу компании за нафта и гас за време на пандемијата на коронавирус, принудија некои да ги прекинат операциите и да го испратат персоналот дома.

Ова поттикна многу технолошки компании да бараат партнерства со нафтените гиганти за да помогнат во автоматизирањето на системите и дигитализирањето на операциите, така што проектите може да се спроведуваат со или без човечка интервенција, преку иновации како роботски платформи, пишува Oilprice.

Во октомври Nabors Industries, со седиште во Хјустон, дупчеше на длабочина од речиси 20.000 стапки (над 6.000 метри) со својата автоматизирана платформа, без помош од работници кои вообичаено ги извршуваат операциите рачно.

Се очекува компанијата да ископа два бунари во областа како дел од технолошките тестови. Nabors Pace-R801 е првата целосно автоматизирана копнена платформа во светот за која се потребни пет години инженерство. Ги поддржува операциите на ExxonMobil во регионот, обезбедувајќи автономни механизми за дупчење бунари, операции за кои претходно беа потребни цели тимови на луѓе.

Објектот користи дигитална технологија и роботика на Canrig за да ја контролира платформата, обезбедувајќи витални компоненти како што е роботска рака што го контролира дупчењето. Компанијата исто така вели дека нејзиниот софтвер за автоматизација SmartDRILL и SmartSLIDE помага да се намали времето на дупчење до четири дена, со што се намалуваат емисиите на јаглерод.

Тревис Первис, потпретседател за глобално дупчење во Nabors, рече дека „ова е насоката во која индустријата оди и треба да расте“.

„Оваа роботска технологија навистина ја менува играта. Во следните 5 до 10 години, ќе биде навистина возбудливо да се видат иновациите што се случуваат околу него“, додаде тој.

Транзицијата кон автономни апаратури за дупчење започна минатата година, појавувајќи се во концептот на „ghost rigs“, во која системите се контролирани од далечина од работници на кои им е забранет физички пристап до платформите за време на „Ковид-19“.

Норвешкиот Equinor се префрли на пристапот на „ghost rigs“ во 2020 година, при што неговите вработени почнаа да управуваат со платформите од далечина, а потоа на сличен потег се решија BP и други нафтени компании.

Нафтената индустрија користи и други роботски механизми, вклучувајќи роботски кучиња кои ги надгледуваат платформите, како и дронови кои проверуваат дали има протекување во цевководите.

Сепак, оваа најнова иновација ги загрижува работниците кои беа сериозно погодени за време на пандемијата. Околу 400.000 работни места беа отстранети од секторот за време на коронавирусот, од кои половина беа во Соединетите држави. Главната грижа за работниците во индустријата во моментов е претстојната транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија. Но, дигитализацијата на системите и додавањето роботи би можеле да доведат до друго, поново губење на работни места.

Во исто време, оваа идеја има свои поддржувачи меѓу работниците. Некои истакнуваат дека платформите за нафта традиционално биле исклучително опасни места за работа, без оглед на нивото на применети безбедносни стандарди. Несреќите се чести поради сложената природа на работата.

Роботиката може да биде важен чекор во подобрувањето на социјалната димензија на критериумите за ESG, бидејќи Big Oil компаниите се соочуваат со зголемен притисок да ја подобрат ефикасноста на работењето.

Nabors инсистира дека автоматизацијата не мора да значи губење на работни места, бидејќи работниците ќе бидат задржани за да ги следат операциите и да ги извршуваат основните задачи. Ова едноставно ќе ги спречи работниците да бидат присутни во најопасната „црвена зона“ на платформата. Како и да е, бидејќи новата технологија се усвојува од други компании ширум светот, останува да се види што значи тоа во пракса за работниците, од кои многумина сè уште работат на далечина поради Ковид ограничувањата.

Слични содржини