Ројтерс: Емиратите нудат да бидат домаќини на разговори за ставање крај на војната во Украина

од Milan1
12 прегледи

Обединетите Арапски Емирати ги информираа Соединетите Држави дека сакаат да бидат домаќини на разговори за ставање крај на војната во Украина, кои на крајот би можеле да опфатат мировен состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави денеска „Ројтерс“, цитирајќи пет извори запознаени со ова прашање.

Изворите на британската агенција наведуваат дека ОАЕ „сесрдно се обврзале да играат клучна улога во обидот да посредуваат во мировните преговори меѓу Русија и Украина“.

Според тројца од изворите, од САД и ОАЕ, претставници на ОАЕ му предложиле на Вашингтон земјата да биде домаќин на „мировен самит“, а двајца од нив рекле дека таков самит на крајот би можел да вклучи и средба меѓу Путин и Зеленски.

ОАЕ се појавија како водечки кандидат за првата средба меѓу Трамп и Путин, потврди четвртиот извор близок до Трамп.

Министерството за надворешни работи на ОАЕ не одговори веднаш на барањето за коментар.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека еден од неговите врвни приоритети е ставање крај на речиси тригодишниот конфликт во Украина, а вчера најави дека би можел да се сретне со Путин во Саудиска Арабија.

Неколку земји изразија интерес да бидат домаќини на средбата Трамп-Путин, меѓу кои Србија и Швајцарија, а „Wall Street Journal“ објави дека и Кина е заинтересирана да биде домаќин на средбата, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини