Ромите за Демократија со иницијатива „Добро за жените Ромки, Добро за Собранието на РСМ“

од Nikola Popovski
298 прегледи

За да се унапреди демократското учество на Ромите во општеството, да се промовираат фер и демократски избори и да се зајакнат гласачите Роми, Фондацијата Ромите за Демократија поднесе Иницијатива до Собранието на Република Северна Македонија насловена како „Добро за жените Ромки, Добро за Собранието на РСМ“.

Со оваа иницијатива и низ дебата, Фондацијата Ромите за Демократија го презентира своето фундаментално дејствување за зајакнување и вклучување на жената Ромка во јавниот и политичкиот живот. „И покрај повеќе од три децении повеќепартиски систем и декларативни заложби за учество на малцинските групи во јавната и политичка сфера, условите за вклучување на приближно 50.000 жени Ромки не се воспоставени и покрај потенцијалот и квалитетот кој се поседува. Ова недоволно искористување на нивниот потенцијал доведува до поголема маргинализација и го попречува развојот на демократското владеење“, се наведува во Иницијативата „Добро за жените Ромки, Добро за Собранието на РСМ“.

Од Фондацијата наведуваат дека со реализација на практикантската работа и вработување на жените Ромки во Собранието, ќе се реши диспаритетот, ќе се „отклучи“ потенцијалот на квалификуваните жени Ромки и ќе се поттикне поинклузивна демократија. „Од Собранието бараме да се отвори можност за практикантска работа на најмалку 100 жени Ромки во различни административни и специјализирани единици за наредните 10 години, да се понуди сеопфатен циклус на обука, менторство и поддршка на практикантките за да ги подобрат своите вештини и да бидат подготвени за успешни кариери во парламентарниот екосистем. По завршување на програмата за практикантство, да се воспостават јасни законски, институционални и финансиски предуслови за практикантките со најдобри резултати до транзиција за постојано вработување во Собраниетои да се обезбеди поддршка од меѓународната заедница за промоција на демократското и инклузивното управување“, наведе извршната директорка на Фондацијата Ромите за Демократија, Селвија Мустафи Алкан.

За Бојан Василевски, заменик генерален секретар на Собранието на РСМ, овој настан има „големо значење за нашето колективно патување кон поинклузивно и порамноправно општество, да се залагаме за правата на жените, како на Ромите и на другите националности. Гласот кој е маргинализиран и занемарен не е глас и затоа се залагаме овој глас да се слушне. Жените Ромки се соочуваат со системски бариери, иако кога напредуваат тие, напредува и целото општество. Нивното зајакнување не е само прашање на социјална правда“. Тој е уверен дека со здружување во солидарноста и соработката може да се изврши позитивна промена. „Заедно тргнуваме на ова патување и размислуваме како да ја спроведеме оваа иницијатива. Како Собрание имаме обврска иницијативата да биде реализирана во иднина“, потенцираше Василевски, кој ги прими барањата од жените активистки.

Фикрија Таир – Селмани, надворешна соработничка во Кабинетот на Претседателот на РСМ, говореше за „Ретроспектива на искуствата, предизвиците и можностите на жените Ромки во државните и јавнит еинституции“. Таа рече дека и покрај подготвеноста за придонес во политичко-општествените процеси на државата, сепак можностите покажуваат далеку од скромни резултати. „Во десет собраниски состави, изминативе три децении, имало само две пратенички Ромки кои, меѓудругото, не биле дел од ромскиот политички блок, имаме повеќе од десет политички партии предводени од Роми, а само една е предводена од жена Ромка, во државните и јавните институции може на прсти да ги изброиме Ромките кои се на раководни позиции или имаат одлучувачка моќ во рамки на институциите кои работат“.

За Арабела Илјаз, претставничка на Ромски Образовен Фонд, „оваа иницијатива има долгорочни последици за развојот на ромската заедница, бидејќи образованите жени Ромки стануваат носители на одлуки не само за себе, туку и за семејството и заедницата. Се надевам дека во иднина, со поддршка и стимулација од Собранието и од страна на нашите институции, ќе видиме уште повеќе жени Ромки како активни учеснички во законодавните процеси и како важни делови на решавањето на проблемите и предизвиците пред нашата заедница“, рече Илјаз.

„Потребна е соработка меѓу различни засегнати страни за да се создадат трајни и позитивни промени“, порача Мерсиха Сали Усеин, претставничка на Совет на Европа. Според неа, жената секогаш била поврзана со убавината, но не смееме да заборавиме на моќта која ја поседува и силата да биде главен столб на семејството, дури и на едно општество.

„Во оваа насока, Советот на Европа со своите механизми и стандарди преку интерсекциски пристап, континуирано поддржува и имплементира активности и политики за зајакнување на положбата на жените и девојчињата Ромки“, рече Усеин.

Според статистиката, „стапката на жени Ромки во формалното образование е само 8%. Жените Ромки се маргинализирани на пазарот на трудот. Младите Ромки, исто така, имаат значително пониски стапки на посетување квалификации и обука за вештини во споредба со младите мажи Роми. Постои суштинска потреба жените Ромки да станат дел од политиката и од процесот на донесување одлуки на национално и на локално ниво“, објасни Усеин.

Слични содржини