Десетици домови останаа без струја во регионот Полтава, на околу 350 километри југоисточно од Киев, откако руски беспилотни летала нападнаа цели на украинската енергетска инфраструктура во текот на ноќта, јави ДПА, повикувајќи се на порака на Телеграм на регионалниот гувернер, Филип Пронин.
Тимови инженери работат на враќање на струјата, напиша Пронин, прецизирајќи дека нема извештаи за жртви во нападот.
Според извештаите од Киев, руските сили користеле 80 беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство и два проектили во нивниот напад на украинска територија. Украинските власти прецизираа дека 71 од беспилотните летала биле соборени, а уште шест биле пренасочени од нивните првично поставени координати со електронски пречки.
Москва повторно почна да ги насочува своите напади врз цели на украинската енергетска инфраструктура во пресрет на зимските месеци, како што тоа го прави од почетокот на нејзината целосна војна во Украина.