Русија ги отвори гласачките места за претседателските избори

Ова се први претседателски избори на кои гласаат и жителите на новите руски региони - Доњецката и Луганска Народна Република, Запорожје и Керсонска Област, кои ѝ се приклучија на Руската Федерација по референдумот во септември 2022 година.

од Бети Божиноска

Денеска во Русија почнаа претседателските избори кои ќе траат до 17 март и на кои се очекува претседателот Владимир Путин да добие уште еден мандат иако во претседателсјата трка се уште тројца кандидати.

Поради повеќето временски зони во Русија, прво беа отворени избирачките места на Далечниот Исток на земјата, во Камчатка и автономниот округ Чукотка, а потоа и во регионот Магадан, Сахалин и Курилските острови. Последните избирачки места што беа отворени се во Калининградската област, на Балтичкото Море, пренесува РТ.

Претседателските избори ќе ги набљудуваат делегации од 36 земји и пет меѓународни организации, а акредитирани се повеќе од 200 парламентарни набљудувачи и неколку десетици експерти за изборниот процес, соопшти Советот на Руската Федерација.

Во Русија право на глас имаат околу 110 милиони граѓани, а резултатите од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28 март.

Ова се први претседателски избори на кои гласаат и жителите на новите руски региони – Доњецката и Луганска Народна Република, Запорожје и Керсонска Област, кои ѝ се приклучија на Руската Федерација по референдумот во септември 2022 година.

„На гласачкото место сретнав многу луѓе кои сакаа да гласаат! И тоа е разбирливо. Жителите на републиката првпат учествуваат во изборот на лидер на нашата држава. Сите го чекавме овој ден“, напиша лидерот на Доњецк, Денис Пушилин, во пост на Телеграм по гласањето.

Истото го забележа и гувернерот на Керсонската област Владимир Саљдо, кој рече дека жителите на регионот го чекале овој ден и се подготвуваат за него. Својата граѓанска волја ја изрази и лидерот на Луганск, Леонид Пасечник.

„Првпат учествуваме на ваков важен геополитички настан. Избираме претседател на нашата голема земја. Личноста која ќе продолжи да управува со нашата земја во ваква тешка ситуација“, истакна Пасечник откако го вметна своето гласачко ливче во гласачката кутија.

Ова се првите претседателски избори во Русија по уставните реформи во 2020 година, со кои се воведе ограничување од два шестгодишни мандата за секој претседател. Сепак, промените резултираа и со „поништување“ на мандатите на Путин, што му овозможи тој повторно да се кандидира.

Освен личното гласање на избирачките места, жителите на околу 28 руски региони можат да го дадат својот глас преку Интернет преку електронскиот систем за гласање во земјата. За да учествуваат во онлајн-гласањето, гласачите мораа да поднесат посебни барања преку дигиталната платформа на руската влада, „Госуслуги“, пред понеделник. Гласачите од Москва, пак, се поштедени од овој предуслов и можат слободно да гласаат онлајн.

Според проценките на Рускиот центар за истражување на јавното мислење (ВТСИОМ), се предвидува дека изборите ќе имаат висок одѕив од околу 71 отсто. Предвремено гласање веќе се одржа во неколку далечни региони на Русија, при што веќе гласале околу два милиони луѓе.

 

Слични содржини