Русија разви вакцина против коронавирус за животни

235 прегледи

Додека борбата за вакцините „Ковид-19“ за луѓето е присутна низ целиот свет, Русија беше прва во светот што ја регистрираше првата вакцина за коронавирус за животни, објави во средата државната агенција ТАСС.

Вакцината е именувана како „Карнивак-Ков“, соопшти ТАСС, повикувајќи се на Константин Савенков, заменик-шеф на Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор (Роселхозонадзор), пренесе Си-Ен-Ен.

„Карнивак-Ков, инактивирана сорбатна вакцина за коронавирус за месојади, развиена од Федералниот центар за здравје на животните Роселхознадзор, е регистрирана во Русија. Досега, тоа е првиот и единствениот производ во светот за спречување на Ковид-19 кај животните“, рече Савенков во средата.

Според извештајот на ТАСС, вакцината најверојатно ќе започне со масовно производство веќе во април.

Клиничките испитувања на „Карнивак-Ков“ започнаа во октомври минатата година, рече Савенков. Во студијата учествувале кучиња, мачки, лисици, арктички лисици, норки и други животни.

Савенков рече дека сите вакцинирани животни имаат развиено антитела и дека резултатот од студијата и даде на Русија „основа за заклучок дека вакцината е безбедна и има силно имуногено дејство“.

Во извештајот се вели, цитирајќи го Савенков, дека ефектот на вакцината „се проценува дека ќе трае најмалку шест месеци“.

„Според руски научници, употребата на вакцината може да спречи понатамошни мутации на вирусот“, рече официјалното лице, додавајќи дека неколку компании од Грција, Полска и Австрија планираат да ја купат вакцината.

Савенков додаде дека некои компании од САД, Канада и Сингапур исто така „покажале интерес“.

Во мај минатата година, Данска усмрти 17 милиони визони поради загриженост дека животните шират мутирана форма на коронавирус.

Новиот извештај на Светската здравствена организација исто така вели дека Ковид-19 најверојатно се ширел на луѓето преку животни.