Додека Западот продолжува да ја обвинува Русија дека планира инвазија на Украина, Москва се шегува на нивна сметка.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги исмеа некои наводи во западните медиуми дека нападот би можел да се случи во 3 часот наутро на 16 февруари.
„Украинците кои веруваат во такви работи нека останат будни да гледаат. Подобро е да го навијат алармот и сами да се уверат“, изјави Песков веднаш по полноќ.
Информации дека Русија ќе ја нападне Украина во 3 часот по полноќ објавија некои странски медиуми, претежно таблоиди.
Рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов ги отфрли обвинувањата дека Русија денеска ќе ја нападне Украина.
„Што се однесува до Русија, ве уверувам дека нема да има напади оваа среда. Нема да има дополнителни ескалации следната недела, ниту следната недела, ниту следниот месец“, рече Чижов во коментарот објавен денеска во германскиот дневен весник Велт.
„Војните во Европа ретко започнуваат во среда“, додаде тој.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека заедничките вежби во Белорусија завршиле според распоредот, а прикажале снимки од тенкови и друга опрема кои се враќаат во Русија.
Русија денеска објави крај на воените вежби и заминување на дел од своите сили од анектираниот полуостров Крим, каде што распоредувањето на војници ги подгреа стравувањата од претстојната инвазија на Украина.
Коментирајќи ги пишувањата на западните медиуми и тврдењата на политичарите, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, вчера изјави дека „вторник, 15 февруари 2022 година ќе влезе во историјата како ден кога пропадна западната воена пропаганда и Западот“ е посрамотен и уништен без пукање“.