Руските сили денеска почнаа да користат оклопни возила за да ја пробијат границата со североисточниот украински регион Харков и силно ја гранатираа областа, објави Киев.
Да потсетиме дека Харков е вториот по големина украински град во кој сè уште живеат повеќе од милион луѓе по повеќе од две години војна.
Ова е најсилниот знак досега дека Русија сака да отвори нов фронт во војната. Руските сили напредувале еден километар во близина на пограничниот град Вовчанск. Борбите во пограничните области на регионот Харков продолжуваат. Киев таму итно испрати засилување, соопшти Министерството за одбрана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Русија започнала нова офанзива во регионот Харков.
Украински извори објавија, како што тврдат, снимки од руски возила кои учествувале во нападот. Камерите со дронови покажуваат уништување на руски камиони и оклопни возила утринава во Харковската област.