Кафеава мечка нападна и тешко повреди Русин во шума на околу 125 километри од Москва, јавуваат локалните медиуми и жителите, додека во регионот околу главниот град се зачестени „средбите“ со мечки.
Човекот, кој го преживеа нападот преправајќи се дека е мртов, бил во шумата собирајќи рогови од елени минатата недела кога мечката го нападнала одзади, цитира близок роднина на повредениот, локална веб-страница за вести.
„Мечката почнала да му ја гризе главата, а потоа се свртела и почнала да го гризе по лицето“, рекол роднина на жртвата. „Се преправаше дека е мртов, а мечката го остави на мира“.
Руските медиуми јавуваат дека повредениот се јавил на 911 и чекал со часови додека екипите на итната помош пеш го барале во шумата кај селото Јеремејево. Потоа со хеликоптер бил пренесен во болница.
Ловот на мечки е дозволен во поголемиот дел од Русија, но е забранет во московскиот регион. Некои Руси одат во шумата за да соберат рогови, од кои еден пар може да се продаде до 15.000 рубли (околу 162 евра), што е околу две третини од руската минимална месечна плата.