Русите ги нарекуваат нацисти, а Украинците херои на Мариупол: Кој е полкот Азов?

од Nikola Popovski
427 прегледи

Некои ги нарекуваат воени херои, други неонацисти – украинскиот Азовски полк е во центарот на пропагандна војна меѓу Киев и Москва, која тврди дека се обидува да ја „денацифицира“ Украина, како што вели.

Единицата за специјални операции Азов, порано позната како баталјон Азов, а сега Азовски полк, е честа тема на проруски објави на социјалните мрежи, вклучувајќи ги и руските амбасади во Париз, Лондон и на други места.

Полкот моментално е сместен во јужниот пристанишен град Мариупол и решително го брани градот кој беше сведок на некои од најтешките форми на војување од почетокот на руската инвазија на Украина на 24-ти февруари.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го искористи нивното присуство за да го оправда бомбардирањето на тамошното породилиште, тврдејќи дека полкот и „другите радикали“ се криеле во зградата.

Полкот беше основан во 2014 година од екстремни десничари, а неговата прва борбена акција беше против проруските сепаратисти во источна Украина.

Во меѓувреме, тој е интегриран во Украинската национална гарда, која е под команда на Министерството за внатрешни работи.

Андриј Билецки, поранешен член на паравоената организација Украински патриот, е еден од основачите на полкот.

Првично се состоеше главно од доброволци кои носеа обележја, како што е таканаречениот „Волфсангел“, кој потсетува на симболите на единиците на СС во нацистичка Германија.

Херои на Мариупол

„Овој баталјон во 2014 година навистина имаше екстремно десничарско потекло, го основаа екстремно десничарски расисти“, вели Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии.

Но, во меѓувреме, баталјонот се „деидеологизира“ и стана редовна борбена единица, додаде тој.

Тој сега не регрутира борци, не врз основа на идеологија, туку врз основа на „репутацијата на особено злобна борбена единица“, рече Умланд.

Полкот, именуван по Азовското Море, кое се наоѓа меѓу Украина и Русија, стана познат кога во 2014 година го врати Мариупол под украинска контрола, кој беше окупиран од проруските сепаратисти.

Осум години подоцна, тој повторно се бори за истиот град, за кој рускиот претседател Владимир Путин се надева дека ќе биде првата голема руска победа во Украина.

Победата над полкот, исто така, може да помогне да се оправдаат тврдењата за „денацификација“ кои се сеприсутни во руската пропаганда. Пропагандта која го нарекува украинскиот лидер Володимир Зеленски, Евреин, водач на „банда наркомани и неонацисти“.

Ваквите напади се обидуваат да ја зголемат поддршката на руското население за војната во Украина и да ја злоупотребат колективната меморија од периодот на Втората светска војна.

Апсолутно зло

-Термините „нацизам“ и „фашизам“ во рускиот контекст повикуваат на апсолутно зло за кое не може да се преговара, рече Сергеј Федиунин, политиколог од Францускиот национален институт за ориентални јазици и цивилизации.

-Единствената опција што останува е да се бориме со него и да го уништиме, додаде Федиунин.

Руската пропаганда е насочена и против украинските националисти кои се бореле против Советскиот Сојуз по 1945 година и нивниот водач Степан Бандера, соработник на нацистите.

Азовскиот полк, пак, се вклучи во пропагандната војна: објавува пораки за победа на комуникациската платформа Телеграм, кои често се придружени со снимки од запалени руски тенкови, а Русите ги нарекуваат „вистински фашисти“.

-Азов сега функционира како и секој друг полк, „но со подобар ПР“, рече Вјачеслав Ликачев, аналитичар во Киевскиот центар за човекови права ЗМИНА.

-Нивната одлична репутација привлекува многу потенцијални регрути „па можат да одберат подобро“, рече Ликачев.

Единицата, која има меѓу 2.000 и 3.000 војници, го задржала амблемот „Волфсангел“, но Умланд вели дека тоа повеќе не е поврзано со минатото во Украина.

-Тоа веќе нема конотација на фашистички симбол, рече тој.

Ултранационалистичките политички сили во Украина се во пад од 2014 година, вели Ана Колин Лебедев од францускиот универзитет во Париз Нантер.

-Една од причините е што „мекиот“ национализам стана „мејнстрим“ поради рускиот напад, напиша таа на Твитер.

Поранешните команданти на Азов, вклучувајќи го и Билецки, влегоа во политиката по 2014 година, но нивната екстремно десничарска платформа никогаш не успеа да постигне значителен успех.

Исто така, откако започна руската инвазија, некои од нив повторно заминаа во војна во Азовскиот полк или други единици.

Слични содржини