Русите им нудат мали суми на Украинците за предавство на татковината – и тие прифаќаат

од Љубиша Владимиров
62 прегледи

Кремљ сè повеќе ангажира „агенти за еднократна употреба“ за свои напади врз странски земји. Овие агенти се обично млади мажи, па дури и тинејџери, кои добиваат мали пари за да извршат валкана работа, а потоа лесно се отфрлаат. Често се работи за луѓе од земји непријателски настроени кон Русија, кои поради пари се подготвени да ја предадат својата татковина, пишува британски „Телеграф“. Еден пример е младиот Украинец Даниил Бардадим, кому му било ветено само 11.000 долари и половен автомобил БМВ за да запали продавница на Икеа во Литванија. Бардадим, кој живеел како бегалец во Полска, очигледно сметал дека оваа понуда е премногу добра за да ја одбие. Според литванските обвинители, тој во мај 2024 година ја запалил филијалата во Вилнус.

Литванските власти го уапсиле Бардадим и го обвиниле за тероризам. Негов соучесник, исто така Украинец, бил уапсен во Полска. Ова не е единствен случај – неодамна тројца Украинци беа уапсени во Германија и Швајцарија, обвинети дека планирале поставување бомби во европската поштенска мрежа. Оние што вршат вакви саботажи по налог на Русија се соочуваат со долги затворски казни, но организаторите во Москва не се загрижени бидејќи се далеку од местото на дејствието.

„Агенти за еднократна употреба“ – растечки тренд во руската хибридна војна

Европските безбедносни извори предупредуваат дека Русија сè повеќе користи таканаречени „агенти за еднократна употреба“ за напади врз воени објекти, фабрики во одбранбената индустрија и подводни кабли низ Европа. Во Германија овој начин на делување го нарекуваат „саботажна економија“, каде комуникацијата се одвива преку апликации за пораки на мобилни телефони. Особено изненадувачки е што Русија користи Украинци – кои се нејзини заколнати непријатели – за извршување вакви задачи.

„Ова е класична руска шпионска тактика“, вели Хамиш де Бретон-Гордон, поранешен командант на британската армија. „Таквите агенти поминуваат под радарот поради нивната националност, а нивните акции предизвикуваат голема реакција од западната јавност, која е шокирана што тоа се токму Украинци. Русите пак, го користат тоа за да тврдат дека Украинците не го поддржуваат Западот и всушност се обидуваат да го нападнат“.

Кремљ не само што плаќа, туку и уценува – често им се заканува на семејствата на потенцијалните агенти. „Русите не бираат средства – пари, скапи автомобили, секс, дрога… сè е дозволено за да ја постигнат својот цел“, додава де Бретон-Гордон.

Тинејџерите – лесна мета на руските регрутери

Посебна загриженост за Украина се тинејџерите, кои преку социјалните мрежи лесно се регрутираат од руските шпиони. Украинската разузнавачка служба СБУ испрати предупредување до родителите, со апел да внимаваат на можноста нивните деца да бидат контактирани преку мобилните телефони од Русија.

„Замислете ситуација: вашето дете седи на телефон, кога одеднаш ќе добие порака од странец – „Здраво, сакаш ли да заработиш пет илјади гривни?“, стои во предупредувањето. Русите првично бараат мали задачи, како фотографирање на зграда или цртање графити, но со текот на времето барањата стануваат сè поопасни – до саботажи на железнички линии или електрани. СБУ нагласува дека не сите деца сфаќаат дека станале жртви на ваквите манипулации.

Украинските власти тврдат дека успеале да спречат повеќе такви напади, меѓу кои и заговор во април каде Русија регрутирала тинејџери за поставување експлозиви во воени објекти.

Слични содржини