Русите напаѓаат: Западот на Украина е во темнина, некои делови немаат ни вода

од Берта Китинска
253 прегледи

Градоначалниците и гувернерите на три региони на западна Украина – Ривна област, Хмелничка област и Волинска област – известија дека објектите на енергетската инфраструктура утринава биле погодени од руски ракети.

Набргу потоа, гувернерите на јужната област Одеса и централната Кировоградска област, исто така, пријавија напади врз енергетски објекти.

Во меѓувреме, властите во регионите на Киев и Дњепропетровск пријавија прекини на електрична енергија.

Почнувајќи од 10 октомври, нападите затворија 30 отсто од енергетската инфраструктура на Украина, изјави претседателот Володимир Зеленски, пишува Киев Индипендент.

По нападот на 22 октомври, почнаа поправките во Ривне и Луцк, соопштија локалните власти.

Олександар Третиак, градоначалникот на Ривне, рече дека е погодена критичната инфраструктура и жителите на околните области се евакуирани од нивните домови. Засега нема пријавени жртви.

Ихор Полишчук, градоначалникот на Луцк, главниот град на Волинската област, извести дека е погоден енергетски објект во градот, а дел од Луцк останал без струја. Тој додаде дека во нападот е оштетена и една станбена зграда, а еден цивил е ранет.

Покрај електричната енергија, нападите го прекинаа и снабдувањето со вода во многу од целните области.