Русија продолжува да учествува во договорот за жито

од Vladimir Zorba
138 прегледи

Русија ќе продолжи со учеството во Црноморскиот договор за жито, откако ќе ги добие потребните гаранции од Украина, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

„Украина ги даде потребните писмени гаранции дека нема да го користи житниот коридор во Црното Море за борбени операции против Русија, а тие се добиени со посредство на Турција и ОН“, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува РИА Новости.

Во соопштението на министерството се наведува дека „Русија смета дека добиените гаранции во овој момент се доволни и продолжува да го спроведува договорот“.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера му рекол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека е можно повторно пристапување на Русија кон договорот за жито по истрагата за нападот на Севастопол и безбедносните гаранции на Украина, соопшти прес-службата на Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.

Русија во саботата објави дека го суспендира учеството во договорот за жито по нападот во Севастопол врз воените бродови на Црноморската флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.

Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јули во Истанбул, со посредство на Обединетите нации и Турција, резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од пристаништата на Црното Море во Украина.

Слични содржини