Руската армија влезе во вториот по големина украински град

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Руската армија влезе во самиот центар на Харков, соопштија денеска властите на вториот по големина украински град на североистокот.

„Имаше навлегување на лесни возила на рускиот непријател во градот Харков, вклучувајќи го и центарот на градот“, напиша на Фејсбук гувернерот на истоимениот регион, Олег Синегубов.

Тој изјави дека борбите продолжуваат и ги повика 1,4 милиони жители да не ги напуштаат своите домови.

Додаде дека украинските вооружени сили го „елиминираат“ непријателот.

На видео објавено на украинските социјални мрежи наводно се гледа како руско оклопно возило гори во центарот на градот.

Руската армија, од своја страна, објави дека опколила два големи града на југот на Украина, Херсон и Бердјанск, кои имаат соодветно 290.000, односно 110.000 жители.

„Во последните 24 часа руските вооружени сили целосно ги блокираа градовите Херсон и Бердјанск“, соопшти руското Министерство за одбрана, додавајќи дека под нивна контрола се и градот Геническ и аеродромот кај Керсон.

Се додава дека проруските сепаратисти во источна Украина, кои напредуваат со поддршка на руските сили, направиле територијален напредок 52 километри од почетокот на офанзивата.

Руската војска соопшти дека уништила вкупно 975 украински воени постројки, вклучително и системи за воздушна одбрана S-300.