Службата за безбедност (СБУ) и Националната полиција на Украина приведоа агент на руските специјални служби кој се подготвувал да го убие директорот на организацијата за заштита на редот и законот во Одеса.
„Убиството е нарачано од руската специјална служба со цел да се изврши демонстративна ликвидација на личност која јавно ја поддржа мобилизацијата. На овој начин непријателот сакаше да сее паника и да ја дестабилизира општествено-политичката ситуација во регионот“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на СБУ. Се испостави дека станува збор за 43-годишен државјанин на Украина, кој на руските специјални служби им се приклучил во 2017 година, кога работел во службата за безбедност на еден од руските олигархиски кланови. По целосната инвазија, контактот со него е обновен, се вели во соопштението.
Се додава и дека специјалните служби на Руската Федерација планирале да нарачаат убиство на други активисти со јавен проукраински став. Официјални лица за спроведување на законот спроведоа повеќекратна операција и симулираа атентат за да го лоцираат и уапсат рускиот агент. СБУ имала задача да пронајде убиец кој би можел да изврши нарачано убиство за 80.000 долари, се наведува во соопштението. „Со цел да се спречи злосторството и да се добијат докази против агентот, службениците на СБУ подметнале потенцијален „сторител“ на убиството.
Лажниот „убиец“ дејствувал под контрола на полицијата: купил пиштол со чаури, ја „извршил“ задачата и го снимил „телото“ на жртвата на камерата на телефонот. Откако го симулирал убиството, ’убиецот’ на муштеријата ги дал потврдните фото и видео фајлови од местото на настанот“, се прецизира во соопштението.
Полицијата го приведе рускиот агент кога требаше да му ги предаде „доказите“ за нарачаното убиство на клиентот од Русија. При приведувањето на јавно место сторителот со себе имал борбена граната Ф-1 чија употреба може да доведе до човечки жртви и мобилен телефон со доказ за комуникација со руските специјални служби, се вели во соопштението на СБУ.
На рускиот агент му е одредена мерка притвор, а доколку биде прогласен за виновен му се заканува доживотен затвор и конфискација на имот, пренесува Танјуг.