Рускиот антивоен активист Александар Демиденко, кој им помогна на стотици украински бегалци во регионот Белгород да се вратат во Украина, почина во притвор минатата недела.
Ова денеска неговиот адвокат го соопштил на неговото семејство, јавува Радио Слободна Европа, наведувајќи дека причината за смртта не е позната и дека се уште не се дадени официјални информации од властите.
Демиденко (61), кој отворено протестираше против руската инвазија на Украина, беше уапсен во октомври.
Тој првично беше осуден на 10 дена затвор за пиење алкохол на јавно место, а полицијата подоцна соопшти дека во неговиот дом пронашла стара граната и два детонатори за граната и мина, сите од Втората светска војна, а тој е обвинет за незаконско поседување оружје.
За смртта на Демиденко известија изданијата на неколку руски медиуми, повикувајќи се на извори. Наводно, Демиденко починал на 5 април, а за смртта се дозна дури во понеделникот кога адвокатот на Демиденко за тоа ги известил неговата сопругата и синот.
Причината за смртта не е соопштена, а засега нема официјални коментари од властите.
Според „Важни приказни“, Демиденко требало да биде префрлен во Санкт Петербург и неговиот случај да се преквалификува под посериозно обвинение.
Од почетокот на сеопфатната руска инвазија на Украина, Демиденко присуствуваше на антивоени митинзи и им помагаше на украинските бегалци да се вратат во својата татковина, возејќи ги до границата и сместувајќи ги во својот дом, каде престојувале и до 900 луѓе на кои им требаше место за преноќевање бидејќи граничниот премин често бил затворен поради гранатирање.
Демиденко исчезна на рускиот контролен пункт „Колотиловка“ во Белгородската област на 17 октомври. Според волонтерите, тој донел постара жена на граничниот премин, но двајца полицајци му го попречиле патот на паркингот. После тоа, контактот со него беше изгубен.