Руски државјанин уапсен во Полска: Обвинет за шпионажа!

од Radmila Tasevska

Руски државјанин кој долги години живее и работи во Полска е обвинет за шпионирање за Русија од 2015 до април 2022 година, соопштија денес полските власти.

Рускиот државјанин се соочува со затворска казна до 10 години. Човекот беше приведен во април поради докази дека собирал информации за воената подготвеност на полските вооружени сили и трупите на НАТО, кои потоа им ги предавал на руското разузнавање, објави Ројтерс.

Портпаролката на обвинителството во Гдањск во соопштение наведе дека обвинителниот акт против осомничениот бил поднесен минатиот петок до Окружниот суд во тој град.

„Шпионската активност на осомничениот била насочена кон воените единици лоцирани во североисточниот дел на Полска, како дел од извидувањето на важни елементи на полските вооружени сили“, прецизира таа.

Таа додаде дека овој случај е една од неколкуте постапки кои се однесуваат на разузнавачките активности на Русија и Белорусија врз полските вооружени сили со кои во моментов се занимаваат воените обвинители.

Слични содржини