Руски хакери се одмаздуваат за смртта на Навални

од Симе Стоиков
222 прегледи

Неколку часа по февруарската смрт на опозицискиот лидер Алексеј Навални во руски затвор, група хакери против Кремљ тргнаа да бараат одмазда.

Тие дојдоа до пристап до компјутерската мрежа поврзана со рускиот затворски систем, па објавија фотографија од Навални на веб-страницата на затворот каде што починал.

„Да живее Алексеј Навални!“, гласеше порака на хакираната веб-страница, придружена со фотографија од лидерот на опозицијата и неговата сопруга Јулија на политички митинг.

Но, тоа не е се. Во нивното упад, тие украдоа и база на податоци со информации за стотици илјади руски затвореници, нивни роднини и контакти, вклучително, како што тврдат самите хакери, информации за затвореници во казнената колонија на Арктикот каде Навални почина во февруари.

Хакерите, кои тврдеа дека се мешавина од националности, вклучително руски иселеници и Украинци, ги споделија податоците кои вклучуваат телефонски броеви, адреси како и сметки од е-пошта на затворениците и нивните роднини, „со надеж дека некој може да контактира со нив и да помогне да се открие што се случило со Навални“, изјави групата за Си-Ен-Ен.

Последно, но не и најмалку важно, хакерите го искористија пристапот до онлајн продавницата на рускиот затворски систем, каде членовите на семејството купуваат храна за затворениците. Пристапот го искористија за да ги променат цените на стоките како тестенини и конзервирано говедско месо на една рубља, што е приближно 0,01 долари. Овие предмети обично чинат над 1 долар. На управата на затворот и требаа часови за да забележи дека корисниците купуваат по ептен намалени цени. За санирање на штетите направени од хакерите и требаа денови.

Тие тврдат дека украдената база на податоци содржи информации за околу 800.000 затвореници и нивни роднини и контакти, а компромитираната онлајн затворска продавница е во сопственост на руската држава и официјално позната како АД Калужское. Таа опслужува 34 региони на Русија. На 19 февруари, еден ден откако хакерите го извршија нивниот напад, АД Калужское објави порака на руската платформа за социјални медиуми ВК дека претрпе „технички дефект“ што доведе до „неправилно одразување на цените на храната и основните добра“.

Том Хегел, експерт за сајбер безбедност, за Си-Ен-Ен изјави дека информациите за хакерскиот напад се целосно автентични. Хакерите „очигледно имаа целосен пристап“, рече Хегел, кој е главен истражувач во институтот за сајбер безбедност SentinelOne.

Слични содржини