Украинските медиуми јавуваат дека е исклучително напната ситуацијата во Покровск и неговата околина, откако помали руски пешадиски групи успеаја да се инфилтрираат во градот, при што сега се водат улични борби.
Како што соопшти генералштабот на вооружените сили на Украина, околу 200 руски војници навлегле во градското подрачје, а руските сили, кои имаат бројна супериорност, продолжуваат да ја ескалираат офанзивата.
– Во Покровск во тек се оружени судири, а беспилотните единици активно дејствуваат. Обидите на непријателот да напредува подлабоко во градот и да се утврди во урбаните средини се потиснати со специјални операции насочени против саботери, објави Генералштабот на Војската на Украина.
И покрај тешката ситуација во Покровск, Киев тврди дека украинските сили бележат успеси во секторот Очеретјен. Во изминатите 10 дена, тие ја вратиле контролата врз населбите Кучерив Јар и Сухецке, и успеале да ослободат 185,6 километри квадратни во регионот Донецк.