Амбасадорот на Руската Федерација во БиХ, Игор Калабухов изјави дека не гледа никаков проблем во идејата на Милорад Додик, лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), за самостојна Република Српска (РС) во рамки на БиХ.
Во интервју за Радио телевизија на Босна и Херцеговина (БХРТ), кое целосно ќе се емитува вечерва, Калабухов истакна дека не може да зборува за легитимноста или нелегитимноста на процесот на враќање на надлежностите од БиХ на Република Српска (една од двата ентитета во БиХ), додавајќи дека тоа е работа на политичкиот процес и органите на ентитетската влада.
Тој нагласи дека во разговорите за решавање на кризата во БиХ се залагал сите одлуки да се носат преку дијалог, во комуникација меѓу ентитетите, кои сами треба да одлучат како да го најдат најоптималниот излез од сегашната ситуација.
Русија смета дека РС го покренала прашањето за враќање на надлежностите во рамки на демократскиот процес, а амбасадорот Калабухов забележува дека надлежностите биле префрлени на БиХ под одреден притисок од меѓународната заедница.
Амбасадорот нагласи дека рускиот став е оти во БиХ не постои висок претставник, бидејќи според нив не е испочитувана процедурата за именување на Кристијан Шмит.
– Како држава гарант на Дејтонскиот договор, ние сме членка на ПИК, но не работиме во ОХР додека е таму Кристијан Шмит. Не поддржуваме никакви официјални контакти со г-дин Шмит, рече Калабухов.
Рускиот амбасадор смета дека одлуката на Валентин Инцко, која ја донел како висок претставник на самиот кон крајот од својот мандат, и со која се забранува и казнува негирањето на геноцидот во рамки на дополнувањето на Кривичниот законик на БиХ, била субјективна и неурамнотежена.