Русија во голема мера се потпира на приходите од своите енергенси за финансирање на војната во Украина, затоа западните земји воведуваа сè построги санкции врз руската нафта и гас со цел да ги ослабат воените напори на Москва.
Анализата на финската невладина организација, „Центар за истражување на енергијата и чистиот воздух“ (CREA) откри дека вкупните приходи на Русија од нафта, гас, јаглен и рафинирани производи изнесува 193 милијарди евра во 12-те месеци до 24 февруари 2026 година, што е пад од 27 проценти во споредба со периодот пред инвазијата.
Иако извозот на руски гас нагло опадна од 2022 година, санкциите не успеаа да го намалат количеството на извоз на нафта од Русија, но ја принудија Москва да ја продава по пониски цени.
Според Центарот приходите од извоз на сирова нафта на Русија во изминатите 12 месеци се намалени за 18 проценти во споредба со претходната година. Истовремено, обемот на извезена сирова нафта остана за 6 проценти повисок отколку пред инвазијата, односно 215 милиони тони.
Како одговор на западните санкции, Москва го пренасочи поголемиот дел од извозот на сирова нафта по морски пат кон Кина, Индија и Турција, а за тоа користи т.н „фантомска флота“ составена од стари и не осигурани танкери за да ги заобиколи санкциите. Но, построги санкции би можеле потешко да го погодат рускиот извоз на енергенси оваа година.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на почетокот на овој месец објави дека постигнал трговски договор со индискиот премиер Нарендра Моди т.е дека Њу Делхи се согласил да престане да купува нафта од Русија и да ја замени со енергенси од САД и потенцијално од Венецуела.
Европската Унија дебатира за широка забрана за соработување било која компанија што го поддржува извозот на руска нафта по морски пат. Блокот не успеа да ги усвои овие санкции во понеделникот бидејќи беа блокирани од страна на Унгарија поради спор со Украина во врска со оштетениот нафтовод „Дружба“.
Русија над една третина од својата нафта ја извезува во западни танкери со помош на западни компании. Планираната забрана на ЕУ би ја прекинала оваа пракса, која главно се испорачува во Индија и Кина.