Пред неколку дена, од Лавров беше побарано да ги коментира изјавите на неговиот полски колега Радослав Сикорски, кој предвиде колапс на режимот на Путин како резултат на сегашната трка во вооружување. Како одговор, Лавров тврдеше дека значителното зголемување на буџетите за одбрана на членките на НАТО може да доведе и до колапс на Алијансата
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте, денеска во емисијата „Фокс њуз“, го критикуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за неговите неодамнешни коментари за наводниот колапс на Алијансата.
„Бидејќи е таков прогнозер, веројатно гледа дека катастрофалното зголемување на буџетите на земјите-членки на НАТО, според мене, ќе доведе и до колапс на оваа организација“, рече Лавров.
Коментирајќи ја изјавата на Лавров, Руте го пофали она што го нарече големо достигнување во надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација во обезбедувањето зголемување на трошоците за одбрана на НАТО. За Лавров рече дека е неважен.
„Лавров е министер за надворешни работи на Русија, мислам, од времето на Исус Христос. И ништо корисно не излезе од неговата уста оттогаш. Затоа, да не му обрнуваме премногу внимание на г-дин Лавров“, рече Руте.
Руте, исто така, изрази разбирање за најавите на Белата куќа за суспендирање на некои испораки на оружје за Украина поради наводно опасно ниските залихи на воена опрема, но додаде дека Украина не може да се одбрани без оружјето од Соединетите Американски Држави.
Тој, исто така, нагласи дека европската безбедност е од суштинско значење за безбедноста на САД.