НАТО ќе ја зајакне размената на разузнавачки податоци и подобрувањето на заштитата на критичната инфраструктура од „непријателски“ дејства на саботажа против членките на алијансата, од страна на Русија и Кина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
„Во текот на изминатите години, Русија и Кина се обидоа да ги дестабилизираат нашите држави со акти на саботажа, сајбер напади, дезинформации и енергетски уцени за да не заплашат“, рече Руте на прес-конференција, пренесе „Ројтерс“.
Руте рече дека членките на НАТО „ќе продолжат да стојат заедно пред овие закани преку низа мерки, вклучително и поголема размена на разузнавачки информации и подобра заштита на критичната инфраструктура“.
Министрите за надворешни работи на НАТО, кои оваа недела ќе се состанат во Брисел, се очекува да излезат со нова стратегија за борба против хибридните закани, термин кој се однесува на пропаганда, политичко мешање, измама, саботажа на клучната инфраструктура и други тактики надвор од границите на конвенционалните воени акции.