Холандскиот премиер Марк Руте денеска ги осуди немирите поради мерките против Ковид, оквалификувајќи ги како „чисто насилство“ извршено од „идиоти“ и вети дека ќе ги гони одговорните.
Најмалку 130 лица се уапсени, четири лица се ранети и неколку полицајци се повредени откако насилството за првпат избувна во петокот, кога протестот во пристанишниот град Ротердам се претвори во своевидна битка меѓу полицијата и демонстрантите.
Немирите во Ротердам и во неколку градови низ земјата „се чисто насилство под маската на протест“, изјави Руте за холандските медиуми.
– Ова беше чисто насилство маскирано како протест, рече Руте како одговор на прашањето за најнасилните протести од почетокот на корона-кризата.
– Има многу немири во општеството затоа што толку долго се справуваме со злото на коронавирусот. Секогаш ќе го заштитувам правото на протест, но никогаш нема да прифатам идиоти да користат чисто насилство само затоа што се несреќни, потенцираше холандскиот премиер.
Холандија се врати во делумно заклучување на 13 ноември и ги разгледува таканаречените „2Г мерки“, дозволувајќи им на баровите и кафулињата да забранат влез за луѓето кои не се вакцинирани.
Во петокот навечер, стотици демонстранти се судрија со полицијата во центарот на градот Ротердам, при што полицијата пукаше кон демонстрантите, при што беа повредени најмалку четири лица. Неколку полицајци беа повредени од страна на демонстрантите.
Во саботата демонстрантите запалија огнови во Хаг и на други места, а вчера фрлаа петарди и вандализираа имот во северните градови Гронинген и Леуварден, Еншеде на исток и Тилбург на југ.