Специјалниот пратеник и координатор за меѓународни енергетски прашања во американскиот Стејт Департмент Амос Хоштајн ја повика грчката Влада брзо да донесе одлуки во врска со гасоводот Трансјадранскиот гасовод (ТАП).

гасовод

Во интервју за весникот „То Вима“, Хоштајн, кој моментално е во Атина на разговори за енергетика, соработка и безбедност, истакна дека Грција мора да ги искористат предностите на можностите, „со цел да преземе улога во регионалната енергетска игра“. Според него, САД сака да ја поддржи Грција, која е дел од еден од „најинтересните“ енергетски планови во Европа.

Американскиот функционер во Атина разговара за проектот за гасоводот Интерконектор Грција-Бугарија (ИГБ). ИГБ е планирано да обезбеди алтернатива на рускиот природен гас на пазарот во Бугарија преку поврзување со ТАП, кој ќе пренесува азербејџански гас, со можност за дополнителни цевководи до Романија и Унгарија, а можеби дури и до балтичките земји на север. Тој денеска има средби со грчкиот министер за енергија, Панос Скурлетис и со бугарскиот министер за енергија Теменушка Петкова, јавува дописникот на МИА од Атина.

– Гасоводот ИГБ може да понуди некаква поддршка за гасоводот ТАП, така што Грција не е само транзитна земја, туку вистинскиот играч кој ќе понуди решение за енергетската безбедност во Централна и Источна Европа, изјави Хоштајн.

Тој признава дека постојат финансиски тешкотии за ИГБ во Грција, но е уверен дека сепак ќе се најде формула со цел привлекување на потребните странски инвестиции./МИА

Слични содржини