Инфлацијата во САД, мерена преку растот на потрошувачките цени, во јуни порасна за 9,1 отсто на годишна основа, што е над сите прогнози на аналитичарите и економистите кои просечно предвидуваа стапка од 8,8 отсто.
Така, јуни стана уште еден месец со најбрз раст на инфлацијата од ноември 1981 година, пренесe CNBC.
Базичната инфлација, од која се исклучени флуктуирачките цени на храната и енергијата, се зголеми за 5,9 отсто на годишна основа. Базичната инфлација го достигна врвот на 6,5 отсто во март и оттогаш се намалува.
Во однос на мај, потрошувачките цени во јуни бележат раст од 1,3 отсто, додека базичната инфлација е зголемена за 0,7 отсто.
„Инфлацијата во САД е над 9,0 отсто, но она што е навистина загрижувачко за Федералните резерви е опсегот на извори на ценовни притисоци. Со оглед на тоа што има неколку знаци за подобрување на ситуацијата со понудата, товарот е на ФЕД да ги зголеми каматните стапки за да го пригуши растот на побарувачката за подобро да одговара на условите за понуда. Заканата од рецесија се зголемува“, вели Џејмс Најтли, главен меѓународен економист во ИНГ банка.
Цената на енергенсите во јуни пораснале за 7,5 отсто на месечно, а на годишно ниво за 41,6 отсто. Цените на храната пораснале за 1,0 отсто во однос на мај, а трошоците за домување, кои сочинуваат околу една третина од потрошувачката инфлација, пораснале за 0,6 отсто месечно и за 5,6 отсто на годишна основа.
Најголем дел од растот на инфлацијата дојде од цените на бензините кои скокнаа за 11,2 отсто на месечно ниво и за дури 60 отсто на годишно ниво. Цените на електричната енергија се зголемија за 1,7 отсто во однос на мај и 13,7 отсто од јуни 2021 година, додека цените на новите и користените возила пораснаа за 0,7 отсто и 1,6 отсто, соодветно, според CNBC.