САД не планираат да ги евакуираат американските граѓани од Украина која стравува од руска инвазија, давајќи им можност да ја напуштат земјата со комерцијални летови, пренесе Бгнес повикувајќи се на информации од Стејт департментот.
Владата на САД веќе ги советуваше граѓаните на САД да не патуваат во Украина и „ги предупреди дека има информации оти Русија планира голема воена операција против Украина”, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Џен Псаки.
– Ако одлучиме да го промениме нашиот став за присуството на американските дипломати и нивните семејства, Американците не треба да се потпираат на евакуации организирани од владата, додаде таа. Во моментов има комерцијални летови со кои можат да патуваат.
Портпаролката не ги потврди извештаите на Фокс њуз дека Стејт департментот им наредил на семејствата на американските дипломати стационирани во Киев да започнат со евакуација од земјата во понеделник.
– Немаме што да објавиме во овој момент, рече таа. „Разработуваме строги планови за вонредни ситуации доколку безбедносната ситуација се влоши.
Западот ја обвинува Русија дека распоредила повеќе од 100.000 војници на границите со Украина за да се подготви за инвазија на поранешната советска република. Белата куќа предупреди дека Русија би можела да започне офанзива „во секое време”.
Кремљ негира каква било воена намера, но повикува на деескалација со договори кои гарантираат непроширување на НАТО, особено кон Украина, и повлекување на Северноатлантската алијанса од Источна Европа.