Садики – Шаини: Во Косово втор пат имаме жена претседател, редно е и кај нас да се случи

од Маја Анчевска
555 прегледи

Освен честитките и почитта која се изразува кон жените,  особено и кон мајките, 8-ми Март е добар момент да се посветиме и на темите: која е позицијата на жената во нашето општество, дали сме задоволни од таа позиција, што може да се подобри и т.н. Објавување на извештаи за позицијата на жената во нашата држава или на истражувања реализирани на оваа тема секако би биле од помош за сите нас да се видиме себеси каде сме и кон кој пат одиме, вели во разговор за „Локално“, претеничката во Собрание на Република Северна Македонија, Сафије Садики – Шаини.

Според пратеничката позицијата на жената во нашето општество не е на задоволително ниво.

– Ако тргнуваме од таквата претпоставка, а и ја се согласувам дека е така, тогаш би рекла дека нема некој посебен рецепт или измислување на топла вода за да се подобри таквата позиција. Сметам дека во светот кон кој тежнееме имаме безброј примери на тоа како во развиените општества се подобрило позицијата на жената на општеството. Било да се тоа либерални или конзервативни општества, може да ни служат како добар патоказ и за нас, укажува таа.

Во европска смисла, Садики – Шаини  тврди дека жените се на  водечки позиции не заради тоа што се жени, туку заради тоа што се успешни и заслужни. Според неа ако се водиме по такви принципи  ние може многу да научиме.

– По заминување на Ангела Меркел, секако ќе се согласите дека денес најмоќна жена во Европа, дури и пошироко, е Урсула Вон Дер Лејен, претседателка на Европската Комисија, која е всушност и првата жена на таа функција во Европската Унија. Мајка на седум деца, значи на големо и успешно семејство, совршена интелектуалка, успешна јавна личност, денес води една од најважните позиции во светот, вели пратеничката, додавајќи дека и пред неа сме имале други примери, а Европа веќе ги надминала таквите предрасуди.

Таа не е подржувач на тие кои преку позитивна дискриминација тежнеат да ја подобрат позицијата на жената во општеството.

– Секако дека во општествата како што е нашето жените треба да се мотивираат повеќе, дури и со позитивна дискриминација во смисла на квоти, но тоа не треба да биде постојан стандард. Ние мора да ги едуцираме младите, особено младите девојчиња, дека во животот треба сами да се изборат и да не чекаат некој друг да им го отвори патот. Тие треба да натпреваруваат во животот не со нивниот пол, туку си нивното знаење, енергија и професионализам. Нормално, тука имаме многу работа и за едукација на делот на нашето маскулистичко општество за ослободување од родова дискриминација, посочува пратеничката.

Садики – Шаини смета дека во нашата држава  подредување на позициите не е базирано на полови идентитети.

– Јас немам при себе некое емпириско истражување во однос на правата на жените во нашата држава, но од моето искуство, тврдам дека барем на површинскиот дел не чувствувам дискриминација. Дали се должи на моето поставување или пак на средината во која делувам, не можам со сигурност да тврдам, додава таа.

Пратеничката тврди дека и поодамна сме имале жени кои биле блиску до премиерска позицијата, но смета дека и сега  нема никаква пречка премиерот да биде жена.

– Во Косово веќе втор пат имаме жена претседател. Редно е и кај нас веќе тоа да се случи. Според мое мислење, досега не сме имале жена премиер само заради отсуство на женски ангажман. На пример, да победеше на избори г-ѓа Радмила Шекеринска,  кога беше претседател на СДСМ, тоа одамна ќе се случеше. Како и да е, ако се бара кандидатка за премиер, можам да им предложам, вели пратеничката.

За 8-ми Март како и секоја жена знае да го одбележи со размена на некој мал симболичен подарок или порака.

– За мене најзаслужната жена е токму мојата мајка, која со своите осум деца личи на Урсула Вон Дер Лејен и која е челична жена за градење на добро и успешно семејство, а која особено за 8-ми Марта мора да ја радувам. Нормално тука се и пријателките и колешките, но секако 8-ми Март останува празник на жените, потенцира пратеничката.

Поаѓајќи од нејзино лично искуство, со здружени женски сили за нивните права, ќе се овозможи процес во кој ќе се вклучат и мажите.

– Сметам дека во првата линија на фронтот треба да бидат токму жените, а нивната битка подразбира и условно кажано, регрутирање на што повеќе мажи за таквата кауза. Ова ви го кажувам и од моето лично искуство.

Стимулот за успехот во работата на пратеничката се состои од два термина, а тоа се успехот и работа.

–  Ако сакаме успех во нашиот живот, мора да работиме за тоа. Освен тоа, треба да веруваме во тоа што правиме, бидејќи само така има смисла ангажманот и само така успехот станува сладок, порачува пратеничката.

M.A.

Слични содржини