Политичарите од власта заслужуваат жестока критика кога напаѓаат, квалификуваат, навредуваат или им се закануваат на новинарите и медиумите. Но, иста таква критика заслужуваат и политичарите од опозицијата, кога го прават истото!, пишува Петрит Сарачини.
Последен таков пример се квалификациите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за одредени новинари и медиуми. За жал, гледаме дека дел од јавноста и професионалните медиумски организации молчат за овие напади.
И овој пример покажува дека отсуствува професионалната солидарност и конзистентост во критикувањето на притисоците кон медиумите што доаѓаат од политиката.
Некои се гласни кога овие притисоци доаѓаат од владејачките партии, а молчат за притисоците од опозицијата. Други, пак, го прават спротивното. Трети се креваат во одбрана на оние што ниту може да се наречат новинари и со години го урнисуваат угледот на новинарството воопшто, а молчат кога се напаѓаат новинари само затоа што не им се по ќеф. Четврти молчат за сè и се добри со сите…
Со ваков пристап, не може да се очекува дека ќе престанат притисоците од политиката. Без конзистентност, солидарност и отпор кон притисоците без оглед од кого доаѓаат, ќе се намалува просторот за слободни, квалитетни и професионални медиуми, а ќе се зголемува просторот за пропаганда и неодговорност на политиката.
Најголема штета од ова секако трпат граѓаните. Неколку релевантни истражувања од минатата година покажуваат дека тие ја губат довербата и во политичарите, и во медиумите. Можеби ова не ги загрижува дел од политичарите и медиумите, но треба да ги загрижи и замисли граѓаните. Оти, на крајот на краиштата, тие го плаќаат „есапот“.