Проектот НЕОМ е еден од најамбициозните урбанистички проекти на денешницата. Се гради во провинцијата Табук во Саудиска Арабија и е најголемиот проект во плановите на престолонаследникот Мохамед бин Салман.
НЕОМ е замислен како иновативен регион кој ќе содржи бројни градови, одморалишта и други развојни проекти, со градот Линија „The Line“ како најпознат град во рамките на овој план.
Покрај тоа, НЕОМ ќе вклучува и Оксагон, пристаниште во облик на октагон, и Синдала, островско одморалиште наменето за заедницата на јахти.
Проектот НЕОМ се планира да биде дел од специјалната економска зона, односно дел од „Саудиска визија 2030“, чија цел е проширување на бизнисот и дистрибуција на ресурсите на економијата на земјата, со цел да се намали зависноста од нафта. Овој проект има амбиција да стане глобален модел за идните градови, комбинирајќи ја технологијата, одржливоста и квалитетот на животот.
НЕОМ досега има добиено 500 милијарди долари поддршка од Фондот за јавни инвестиции (PIF), суверен богат фонд на Саудиска Арабија, а вкупните трошоци за изградба се проценуваат на неверојатни 1 трилион долари.
Градот како линија
Овој проект опфаќа изградба на футуристички град – „Линија“, кој е замислен како паметен град без автомобили, улици и емисии на јаглерод диоксид, со облакодери со огледални фасади.
„Линија“ ќе биде револуционерен град долг 170 километри, кој ќе се протега од планинскиот масив Тројена, преку пустинските долини до заливот Акаба во Црвеното Море. Планирано е да биде висок 500 метри, а широк само 200 метри, што го прави архитектонско ремек дело.
Градот е дизајниран да биде домаќин на 9 милиони луѓе и ќе биде изграден на површина од само 34 квадратни километри. Тоа значи намалена инфраструктура и поефикасно функционирање на градот, што досега не е видено.
Предвидено е „Линија“ да функционира на 100 отсто обновлива енергија и при изградбата да се зачува 95 отсто од земјиштето за природата.
Жителите ќе имаат пристап до сите основни потреби на пет минути пешачење, вклучително и брза железница со транзит од едниот до другиот крај на градот за само 20 минути. Градот ветува квалитетен живот од светска класа без загадување и сообраќај, заедно со супериорна превентивна здравствена заштита.
„Линија“ е замислен како место каде што ќе се создаваат работни места за потребите на луѓето, а не за технологијата. Тоа ќе биде паметен, когнитивен град кој предвидува и одговара на потребите на жителите, велат дизајнерите.
Меѓутоа, од неодамна беше неопходно да се намалат амбициите на проектот НЕОМ, па Саудиска Арабија сега бара меѓународна помош за финансирање на овој амбициозен проект.
Серија презентации и состаноци се одржаа на 15 април во кинеската престолнина Пекинг и градот Шангај, каде Саудиска Арабија побара од Кина да инвестира во „Линија“.