СДСМ: 1,3 милијарди евра во арбитражни постапки наследство од 11 години режим на ВМРО-ДПМНЕ

од Илинка Илиоска
32 прегледи

СДСМ реагира на обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ во врска со правните и финансиските ризици што ја оптоваруваат Македонија, посочувајќи дека Владата на СДСМ презела конкретни мерки за заштита на државните интереси уште од 2017 година. Според нив, проблемите што ВМРО-ДПМНЕ ги наведува како „Дамоклов меч“ од 1,3 милијарди евра, се наследство од 11 години на несовесно раководење и договори зад затворени врати, кои ја изложиле државата на сериозни правни и финансиски ризици.

„Во 2017-та година веднаш беше формирано координативно тело за следење на арбитражните постапки, со цел да се обезбеди координиран пристап за заштита на државните интереси пред меѓународните судови,“ велат од СДСМ, нагласувајќи дека овој чекор бил клучен за минимизирање на потенцијалните штети што ги оставила ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата, СДСМ истакнува дека поради грешките од минатото, дел од средствата кои требало да бидат инвестирани во развојни проекти, како патишта, училишта и болници, морале да се насочат кон одбрана на државата на меѓународните судови. „Наместо повеќе пари да се вложуваа во граѓаните, тие мораа да се насочуваат во правни процеси, создадени од ВМРО-ДПМНЕ, која сега лицемерно се обидува да ја префрли вината на Владата на СДСМ,“ додаваат од партијата.

СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека повторно се обидува да ги префрли последиците од своите грешки на сегашната влада, и дека вистинските проблеми кои денес ја оптоваруваат Македонија, се резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ покажа одговорност во одбраната на државата и економските интереси, додека ВМРО-ДПМНЕ, понесени од своите деструктивни политики, сега се обидуваат да ја префрлат вината за своите грешки,“ заклучуваат од СДСМ.

Слични содржини