Финансиската состојба на земјоделците е директно погодена од корупција во институциите, при што се посочува на нов случај поврзан со високи функционери блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Медиумите објавија дека директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, бил затекнат при примање поткуп од околу 50.000 евра, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија СДСМ.
„Ова само уште еден скандал во низата кој покажува дека криминалците во власта на ги крадат граѓаните, ги крадат земјоделците, и тоа на големо.
ИПАРД 3 програмата вредна 130 милиони евра беше суспендирана токму поради корупцискиот скандал на ВМРО каде директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој беше уапсен исто така за мито од 50.000 евра.
Субвенциите се намалени за 40%, цените на горивото се покачени, откупните цени се понижувачки мали, зимската зелка се откупува за само 6 до 8 денари, лозарите се исто така оставени со ниски откупни цени и владата одби да го прифати предлогот на СДСМ за плус 3 денари по килограм.“ се додава во соопштението на Социјалдемократскиот Сојуз.
Оттаму заклучуваат дека состојбата во земјоделството е сериозно влошена и дека причината за недостигот на средства лежи во корупцијата и начинот на управување со институциите.