Шансите дека астероидот „2024 YR4“ ќе удри во Земјата во 2032 година сепак се намалуваат, според најновите процени на НАСА и Европската вселенска агенција (ESA).
По загриженоста што ја предизвикаа претходните пресметки за зголемената веројатност за удар на неодамна откриениот астероид “2024 YR4” во Земјата во 2032 година, НАСА сега ја преполови таа веројатност. Новата процена на НАСА ја спушта шансата на 1,5 проценти, од претходните 3,1 проценти.
Глобалната астрономска заедница предвиде дека веројатноста за удар на 22 декември 2032 година ќе продолжи да опаѓа и дека на крајот ќе достигне нула. Првично, “2024 YR4” имаше највисока досега забележана веројатност за удар од 3,1 процент, но ажурираните пресметки на НАСА, објавени во средата, го потврдија падот на 1,5 проценти, додека Европската вселенска агенција (ESA) објави дури и уште пониска веројатност од 1,38 проценти.
Очекувано намалување
Рихард Моисл, раководител на канцеларијата за планетарна одбрана на “ESA”, за “AFP” изјави дека ова било очекувано, бидејќи „подрачјето на неизвесност“ за ударот постепено се оддалечува од Земјата.
Процентуалната шанса „веројатно ќе варира малку горе-долу“, но сега се очекува наскоро да падне под еден процент, додаде тој.
Останува неизвесно дали тоа ќе се случи пред вселенскиот телескоп Џејмс Веб да го „улови“ астероидот во март 2025 година. НАСА, исто така, објави дека постои 0,8 проценти шанса овој астероид да се судри со Месечината.
Карактеристики на астероидот
Откриен во декември 2024 година, „2024 YR4″ има проценет дијаметар меѓу 40 и 90 метри. Иако не претставува глобална катастрофа, сепак би можел да уништи голем град. Последниот споредлив ризик од удар дојде од астероидот Апофис во 2004 година, за кој подоцна беше утврдено дека не претставува закана.