СЕ ПОРАДИ РЕКЛАМА: Снус се шири меѓу младите во Германија

од Vladimir Zorba
239 прегледи

Снус, односно никотинска кеса може да содржи големи количини на штетна состојка, дури и повеќе од конвенционалните тутунски производи како цигарите, покажаа резултатите од истражување, цитирано од германската новинска агенција (dpa).

Иако е забранет во Германија, снусот е популарен меѓу младите поради рекламите на социјалните мрежи, објаснуваат експерти од Универзитетот Лудвиг Максимилијан (LMU) во Минхен.

Заедно со Федералната канцеларија за проценка на ризик (BfR), универзитетот ги истражуваше количините на никотин што се ослободуваат од овие производи и каков ефект има тој врз човечкото тело.

Според BfR, никотинските кеси содржат прашок кој се состои од никотинска сол и врзивно средство. Се ставаат под горната усна – па се незабележителни и можат да се користат во секоја прилика.

Во студијата на списанието Frontiers in Pharmacology, научниците тестирале различни марки на снус со декларирана содржина на никотин од шест, 20 и 30 милиграми на 15 луѓе кои редовно пушат цигари.

Докажано е дека овие производи ослободуваат големи количини на никотин – понекогаш дури и повеќе од цигарите. Затоа мора да се претпостави дека тие носат висок ризик од зависност, рече Тобијас Ритер, раководител на одделот за тутун во LMU.

Како и со консумацијата на цигари, кесичките кои содржат 20 и 30 милиграми никотин имаа ефекти врз срцето и циркулацијата, вклучително и зголемен пулс. Покрај тоа, сите кеси ја иритирале слузокожата на устата.

Зависноста може да стане сериозен проблем, додаде коавторот Андреа Рубенштајн.

Снус, вели тој, веќе ги освоил училиштата во некои земји каде што е легален, како Австрија.

Слични содржини