Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денес е во посета на Донбас за да ја процени состојбата во тој регион по зголемувањето на тензиите со Русија.
– Да, Зеленски денес оди во Донбас за директно да ја процени ситуацијата на лице место – рече советникот на претседателот, Михаило Подолјак, како што пренесе Ројтерс.
Пред два дена, Зеленски го повика НАТО да и го отвори патот на Украина за влез во тој западен воен сојуз. Неговите коментари веднаш беа осудени од официјална Москва, која тврди дека пристапувањето на Украина во НАТО може дополнително да ја разгори ситуацијата.
Официјален Киев, исто така, алармираше за насобраните руски сили во близина на украинско-руската граница и за зголеменото насилство по должината на линијата на контакт, што ги дели украинските трупи и сепаратистите во украинскиот регион Донбас.
Русија тврди дека движењето на војниците има одбранбена цел, а висок руски функционер вели дека Москва не планира да интервенира во конфликтот во источна Украина, кој започна во 2014 година.
Ситуацијата во Донбас се влоши на крајот на февруари. Во регионот практично секој ден има размена на оган. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за влошување на состојбата.