Властите во Сиднеј се соочуваат со вандализам, илегална сеча и уништување на древни, вековни дрвја во најбогатите предградија на најнаселениот град во Австралија за да купувачите на имот во луксузните предградија имаат убав поглед кон Сиднејското пристаниште и центарот на градот.
Алчноста за највисок можен профит од продажбата на недвижен имот со поглед на пристаништето во Сиднеј поттикнува вандализам, така што не е невообичаено маскирани луѓе ноќе да се прикрадат до стогодишните смокви со пили во рака, пренесува „Би-Би-Си“ наведувајќи дека еден маж, под превезот на ноќта, наводно се обидел да исече деветстотини години стари смокви на плажата Балморал.
„Ги затворам очите и едноставно не можам да го замислам Балморал без тие смокви“, вели претседателката на локалниот совет Керолин Кориган. Во изминатите неколку месеци, стотици дрвја во Балморал и други скапи и ексклузивни предградија на Сиднеј беа безмилосно исечени, дупчени и отруени за да се отворат погледите на пристаништето и драстично да се зголеми вредноста на имотот.
„Тоа е себичност и алчност, нема друг начин да се опише. Всушност, тоа е најлошиот дел од човековата природа“, вели Џон Моратели, кој ја предводи организацијата за заштита на животната средина. Во Австралија, законите што ги спроведуваат локалните власти одредуваат како и кога може да се отстранат дрвјата, пренесува „Танјуг“.