Сега е и официјално: ботовите и вештачката интелигенција го презедоа интернетот

Автоматизираниот интернет-сообраќај растел речиси осум пати побрзо од човечката активност во 2025 година, покажува едно неодамнешно истражување

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Drift0r

Извештајот „State of AI Traffic“ на компанијата за кибербезбедност „Human Security“ покажува дека вештачката интелигенција и ботовите официјално ги засениле човечките корисници.

Автоматизираниот сообраќај, кој „Human Security“ го дефинира како „интернет-сообраќај генериран од софтверски системи (вклучително и вештачка интелигенција), а не од човечки корисници“, нагло пораснал бидејќи луѓето сè повеќе се свртуваат кон чат-ботови опремени со вештачка интелигенција за секојдневни прашања.

Тој автоматизиран интернет-сообраќај растел речиси осум пати побрзо од човечката активност во 2025 година. Ширењето на големите јазични модели како Чет-ГПТ на „OpenAI“, Клауд на „Anthropic“ и Џемини на „Google“ одиграло голема улога во сообраќајот на вештачката интелигенција, кој се зголемил за 187 проценти од јануари до декември 2025 година.

Извештајот е изработен врз основа на податоци од производот „Human Defense Platform“, кој наводно обработил повеќе од квадрилион интеракции од своите корисници. Сепак, процесот на квантифицирање на автоматизираните активности на целиот интернет може да биде предизвик, бидејќи не постои единствена целосна база на податоци за сите интеракции. Многу зависи од тоа од каде доаѓаат податоците и мерењата.

Извештајот исто така се осврнува на порастот на AI агенти како „OpenClaw“, кои автономно извршуваат активности за корисникот. Додека во 2024 година обемот на ваквите агенти бил исклучително низок, „Human Security“ забележала пораст на сообраќајот од речиси 8000 проценти во 2025 година. Автоматизираниот сообраќај вклучува популарни функции како „Google AI Overviews“ и автоматското пополнување. Тоа не е нужно злонамерно. Индустријата бележи континуиран раст на автоматизираниот сообраќај од лансирањето на Чет-ГПТ во 2022 година.

Главниот извршен директор на „Cloudflare“, Метју Принс, неодамна изјави дека ботовите сочинувале околу 20 проценти од интернет-сообраќајот пред појавата на генеративната вештачка интелигенција. Поголемиот дел од тој удел го сочинувал веб-роботот на Гугл. Принс предвидел дека ВИ ботовите ќе го надминат човечкиот сообраќај до 2027 година, наведувајќи го „подемот на генеративната вештачка интелигенција и нејзината практично незаситна потреба за податоци“ како причина, пишува CNBC.