Александар Вучиќ има намера да преземе одреден степен на контрола врз Србите во Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Тој проценува дека Вучиќ се обидува да изгради де факто „голема Србија“, која ја посакуваа Милошевиќ и Добрица Чошиќ. Тоа е српска програма, модернизирана за денешниот Балкан, вели професорот Даниел Сервер за „Гласот на Америка“.
Резултатот од изборите во Никшиќ, Сервер го гледа делумно како одраз на она што се случи на државно ниво, но и како замор од ДПС како владејачка партија.
„Луѓето имаат право да сакаат одредени измени, и имаше доволно причини за тоа – обвинувања за корупција и слично. Само посакувам промената да беше во попозитивна, проевропска, прозападна насока, но таа можност не постоеше во Црна Гора. Промената на владата е составен дел на демократијата. Ниту во Црна Гора немаше силно про-суверенистичко и проевропско спротивставување, само просрпско. И луѓето очигледно беа уморни од властите под ДПС и претседателот Ѓукановиќ“, рече Сервер.
Тој посочува дека проблем е неуспехот да се развие силна проевропска опозиција која ја поддржува независноста на Црна Гора.
„Сепак, не би паничел премногу околу тоа. Најмногу ме загрижува улогата на Србија и Русија, а особено амбицијата на претседателот Вучиќ да преземе одреден степен на контрола врз Србите во Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Вучиќ се обидува да изгради де факто голема Србија, која ја посакуваа Милошевиќ и Добрица Чосиќ. Тоа е српска програма, модернизирана за денешниот Балкан“, посочува Сервер.
Тој додава дека поразот во Никшиќ би предизвикал одредено двоумење во Подгорица, но со ваква победа, како што наведува, ќе биде охрабрен да оди во насоката што ја претпочита – а тоа е анти-НАТО, про-руски и про- српска насока.
„Нема сомнение во тоа. И луѓето во Европа треба да почнат да го препознаваат тоа. Мислам дека генерално се препознава тоа во САД, но не и во Европа“.
Сервер заклучи дека влијанието на Српската православна црква (СПЦ) е сè уште видливо.