Северна Кореја ја вооружува Русија: Зголемена закана за Европа и Источна Азија

од Љубиша Владимиров
126 прегледи

Учеството на Северна Кореја во руската војна против Украина ја чини оваа изолирана земја повеќе од 20 милијарди долари, според неодамнешна проценка. Оваа соработка не само што ја полни касата на Пјонгјанг, туку и му овозможува на режимот да набави пософистицирано воено оружје, пренесува Newsweek.

Според извештајот на Истражувачкиот центар на Јужнокорејскиот институт за одбранбени анализи (KIDA), вредноста на воената соработка меѓу Северна Кореја и Русија е потенцијално огромна, особено поради активната поддршка што Пјонгјанг ѝ ја дава на руската инвазија врз Украина.

Војната, која започна во февруари 2022 година, трае значително подолго од очекувањата на Кремљ, најмногу поради клучната воена помош за Киев од страна на САД и западните сојузници. Отпорноста на украинската одбрана, во комбинација со разорните западни санкции врз руската економија, ја натераа Москва да побара поддршка од своите стратешки партнери, меѓу кои и Кина, Иран и Северна Кореја.

Овие сè посилни партнерства претставуваат сериозен предизвик за САД, кои моментално се соочуваат со три непријателски држави на глобално ниво. Администрацијата на Доналд Трамп, која има за цел што поскоро да стави крај на конфликтот, е под зголемен притисок поради активната улога на Северна Кореја во поддршката на Русија.

Според анализата на KIDA, најголем дел од економските придобивки на Пјонгјанг потекнуваат од испораките на муниција за руската војска. Сепак, Северна Кореја се вклучила и со испраќање илјадници војници на фронтот, како и со обезбедување техничка поддршка за руските сили.

Загубите меѓу севернокорејските трупи се значителни. Се проценува дека околу 4.000 војници загинале, од вкупно 11.000 испратени во борбени мисии. Најголем дел од нив оперирале во руската област Курск, обидувајќи се да ја спречат пенетрацијата на украинските сили преку границата.

Северна Кореја, според KIDA, најверојатно претпочита компензација „во натура“, односно технолошка и воена помош наместо парични исплати. Во замена за нејзината поддршка, Пјонгјанг добива напредни воени технологии кои ги зајакнуваат нејзините капацитети и ѝ помагаат побрзо да ги оствари своите стратешки цели.

Во извештајот се нагласува итната потреба од ставање крај на војната во Украина, како и воведување конкретни мерки за прекинување на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја. Дополнително, се потенцира неопходноста од долгорочна стратегија за справување со безбедносните закани кои произлегуваат од оваа соработка, дури и по евентуалното завршување на конфликтот.

Оваа анализа на KIDA се надополнува со одделно истражување спроведено од Центарот за отворен код (OSC) и агенцијата „Ројтерс“. Нивната проценка открива дека Северна Кореја испорачала повеќе од 15.800 контејнери со муниција на Русија во периодот од август 2023 до март 2025 година. Користејќи сателитски снимки и 3Д модели, OSC и „Ројтерс“ заклучуваат дека 64-те пратки, извршени од четири руски карго превозници, содржеле помеѓу 4,2 и 5,8 милиони парчиња муниција произведена во Северна Кореја.

„Воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја го зголемува ризикот од руска интервенција на Корејскиот Полуостров во случај на ескалација или вонредна состојба“, предупредуваат од KIDA.

Испраќањето муниција на Русија претставува сериозна стратешка закана. Ова ѝ овозможува на Москва да го одржи офанзивниот моментум, што директно ја поткопува ефикасноста на западната воена поддршка за Украина. Доколку не се запре овој проток на оружје, постои ризик конфликтот да се наклони во корист на Русија и да придонесе за проширување на безбедносните закани во Европа и Источна Азија.

Москва продолжува да се потпира на поддршката од Северна Кореја за да добие предност на фронтот, особено во пресрет на можни мировни преговори. И покрај напорите за дипломатско решение, кои се водат со посредство на САД, напредокот е бавен. Клучните прашања, како што се признавањето на територијалниот суверенитет и идната безбедност на Украина, остануваат нерешени и контроверзни.

Сѐ додека Северна Кореја продолжува да обезбедува оружје и техничка поддршка за Русија, постои голема веројатност дека војната ќе продолжи. Со сѐ позатегнатите односи меѓу САД и Украина и со непоколебливите црвени линии поставени од Москва, крајот на конфликтот засега не е на повидок.

 

Слични содржини