Северна Кореја пак покажува „мускули“: Јапонија и Сеул на штрек по тестирањето на најновата ракета на Ким Џонг Ун

од Илинка Илиоска
30 прегледи

Северна Кореја соопшти дека денеска тестирала интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), „најмоќното стратешко оружје во светот“, додека Сеул предупреди дека Пјонгјанг може да добие ракетна технологија од Русија за помошта во војната во Украина.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун присуствуваше на лансирањето на ракетата и рече дека тестот е предупредување за непријателите кои ја загрозуваат безбедноста на земјата, јави државната агенција КЦНА.

-Пробното лансирање е соодветна воена акција која целосно ја исполнува целта за информирање на ривалите, кои неодамна намерно ја ескалираа регионалната ситуација и претставуваат закана за безбедноста на нашата земја, за нашата подготвеност да дејствуваме, рече Ким, цитиран од КЦНА.

Покажувањето мускули доаѓа во време на меѓународна осуда поради, како што вели Западот, распоредувањето на 11.000 севернокорејски војници во Русија – 3.000 од нив во близина на украинскиот фронт.

Еден ден претходно, Сеул објави индиции дека Северот би можел да тестира ИЦБМ или да изврши седма нуклеарна проба околу претседателските избори во САД во вторник, сакајќи да го привлече вниманието на својата растечка воена моќ.

Шин Сеунг-ки, раководител на севернокорејското воено истражување во државниот Корејски институт за одбранбени анализи, рече дека со лансирањето најверојатно ќе се тестираат подобрените перформанси на постоечкиот ИЦБМ – веројатно со помош на Русија.

„Северна Кореја ќе сака да продолжи да добива ваков вид помош, бидејќи заштедува време и трошоци, а истовремено ги подобрува перформансите и ја унапредува стабилноста на нејзиниот систем за оружје“, рече тој.

Бидејќи се најде под притисок поради нејзиниот ангажман со Русија, „намерата на Северна Кореја може да биде да покаже дека нема да потклекне под притисок, дека на сила ќе одговори со сила, а исто така ќе бара одредено влијание врз претседателските избори во САД“, додаде Шин.

Лансирањето, кое се случи рано утринава, беше најдолгото тестирање на севернокорејската балистичка ракета, со време на летање од 87 минути, наведуваат јужнокорејските експерти.

КЦНА соопшти дека тестот поставил нови рекорди за ракетните способности на Северна Кореја.

Ракетата била лансирана од област во близина на главниот град Пјонгјанг и паднала во морето на околу 200 километри западно од јапонскиот остров Окушири кај Хокаидо.

Достигна височина од 7.000 километри и прелета растојание од 1.000 километри, објави јапонската Влада.

Ракетата беше лансирана под остар агол, а таа траекторија имаше за цел да го тестира нејзиниот потисок и стабилност на многу пократки растојанија од дизајнираниот дострел, делумно заради безбедност и да се избегнат политичките последици од испраќањето на проектилот далеку во Пацификот.

Слични содржини