Северна Кореја продолжи со ракетните тестови, остри осуди од Јапонија, Јужна Кореја и САД

од Симе Стоиков
260 прегледи

Северна Кореја утринава истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон нејзините источни води, соопштија нејзините соседи, велејќи дека тоа било изведено само неколку дена по завршувањето на воените вежби на Јужна Кореја и САД.

Пјонгјанг на овие вежби гледа како на проба за инвазија на нејзина територија.

Севернокорејскиот ракетен тест утринава беше првиот познат по околу еден месец. Експертите претходно прогнозираа дека Северна Кореја ќе ги прошири ракетните тестови и ќе ја заостри воинствената реторика пред претседателските избори во САД во ноември, за да ја зајакне својата позиција во можните дипломатски контакти.

Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека Северна Кореја истрелала три проектили, два во 7 часот и 44 минути утринава, а третиот околу 37 минути подоцна. Јапонскиот премиер Фумио Кишида на седница на парламентот изјави дека севернокорејски проектили паднале во водите меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија, надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, и дека не е забележана опасност или повредени.

Тој ги осуди повторените тестови на балистички ракети како дејствија кои „го загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународното општество“. Кишида рече дека Јапонија силно протестираше против активностите за тестирање на проектили на Северна Кореја, нагласувајќи дека таа ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН со кои се забранува Пјонгјанг да спроведува балистички активности.

Војската на Јужна Кореја, исто така, соопшти дека открила неколку балистички ракети со краток дострел, лансирани од Северна Кореја утринава.

Началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја во соопштение рече дека лансирањето е „јасна провокација“ и се заканува на мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров.

Се додава дека Јужна Кореја нагласила дека ќе ја задржи својата подготвеност да одбие каква било провокација од Северна Кореја, врз основа на нејзиниот цврст воен сојуз со САД.

Според проценките на Јапонија и Јужна Кореја, севернокорејските проектили истрелани од областа околу нејзиниот главен град поминале околу 300 до 350 километри и достигнале максимална висина од 50 километри.

Набљудувачите рекоа дека должината на летот на ракетите укажува дека тоа биле оружје кон може да цели клучни објекти во Јужна Кореја, како што е воениот штаб во централното подрачје.

Американскиот Стејт департмент го осуди лансирањето на ракетата, велејќи дека тоа претставува закана за соседите на Северна Кореја и ја поткопува регионалната безбедност. Во соопштението се вели дека посветеноста на САД за одбраната на Јужна Кореја и Јапонија останува цврста.

САД имаат околу 89.000 војници во Јужна Кореја и Јапонија, столбот на нивното воено присуство во азиско-пацифичкиот регион. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Јужна Кореја.

Слични содржини