Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во емисијата 24 Анализа на Телевизија 24 зборуваше за пензискиот систем, законското решение недела да биде неработен ден, невработеноста во услови на пандемија и политиките и мерките за полесно премостување на кризниот период .
„Во собраниска процедура се 4 закони, тоа се Законот за работни односи, Законот за јавна администрација, Законот за здравствена заштита и Законот за вработени во високото образование. Сите тие се дел од пакетот закони кои што предвидуваат пензионирање со 64 години возраст и 15 години работен стаж, предложени од пратениците. Конкретно за Законот за работни односи има поднесено 480 амандмани, а најголем број од нив се однесува кога да се започне со имплементација на законското решение,“ посочи министерката потенцирајќи дека постојат механизми согласно собраниската процедура процесот да се откочи.
Таа посочи дека ова законско решение претставува барање упатено од страна на граѓаните и на последните избори. Притоа на овој начин се ослободуваат работни места кои најчесто се од јавен сектор, се отвора можност да се реформира администрацијата и да влезат млади кадри кои ги имаат потребните вештини за современите процеси и се создаде ефикасна јавна администрација.
Во однос на прашањето за докуп на стаж министерката истакна дека тоа е дел од владината програма и останува да биде реализирано до крајот на мандатот на оваа Влада. Како приоритет на кој активно работи министерството , министерката го посочи Законот за работни односи кој треба околу средината на оваа година да биде готов и дополнително Законот за безбедност и здравје при работа. Два стратешки важни документи кои треба да бидат донесени оваа година.
За законското решение недела да биде неработен ден министерката Шахпаска истакна подготвената драфт верзија е разгледана и на седница на Економско социјален совет и со писмен допис испратена до сите засегнати страни.
„Суштината на законското решение недела неработен ден е да се овозможи работниците да го користат правото на неделен одмор, да бидат со своите семејства, но мора да се предвидат и исклучоци, кои ќе значат непречено функционирање на општеството. При анализите и споредбите со другите европски земји, заклучивме дека треба да се има предвид за која земја се работи и нејзиниот економскиот потенцијал,“ истакна Шахпаска.
Министерката посочи дека суштината на реформата во пензискиот систем е обезбедување на негова стабилност, навремена исплата на пензиите и нивни раст.
„Со јануарската пензија, пензионерите ќе го добијат усогласувањето по Закон, што значи зголемување на минималната пензија за 134 денари, а просечната за 185 денари месечно,на годишно ниво тоа е е околу 2200 денари. Вакво усогласување со трошоците за живот пензионерите ќе добиваат два пати во годината и дополнително со растот на бруто домашниот производ, како трет механизам.
Во однос на линеарното зголемување на пензиите како во времето на ВМРО-ДПМНЕ ,министерката истакна дека со законското усогласување пензионерите повеќе добиваат, затоа што тоа тече во текот на целата година, а не како линеарното еднаш на крајот на годината.
Министерката потенцираше дека и во услови на пандемија земјата бележи 16.5 % невработеност во третиот квартал , што е пад од 0.6% споредено со лани. Таа се осврна на поставените приоритети на Владата и МТСП, зачувувањето на секое работно место преку пакетите економска помош и Оперативниот план за активни мерки и програми со успешна реализација од 94.5%.