Авганистанскиот банкарски систем е блиску до колапс, предупредува Сид Моса Калем Ал-Фалахи, извршен директор на Исламската банка на Авганистан, која е една од најголемите кредитори во таа земја.
Ал-Фалахи наведува дека финансиската индустрија во Авганистан е погодена од „егзистенцијалната криза“, бидејќи клиентите се во паника.
„Имаме огромно повлекување во моментов. Се прави само повлекување пари, повеќето банки не функционираат и не даваат целосни услуги“, рече тој за британскиот јавен сервис во телефонска изјава од Дубаи, каде што е привремено сместен поради хаосот во Кабул.
Економијата на Авганистан веќе беше на разнишана почва уште пред талибанците да ја преземат контролата во август, и во голема мера зависи од помошта. Околу 40 проценти од бруто домашниот производ (БДП) на земјата доаѓа од меѓународна помош, покажуваат податоците на Светска банка.
Меѓутоа, откако Талибанците ја презедоа власта, Западот ги замрзна меѓународните фондови, вклучувајќи ги и оние што му беа достапни на Авганистан од Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Ал-Фалахи вели дека ги охрабрува Талибанците да бараат други извори на финансиска поддршка.
-Тие се свртуваат кон Кина и Русија, но и кон некои други земји…се чини дека порано или подоцна ќе бидат успешни во дијалогот, додаде тој.
Би-Би-Си наведува дека Кина веќе ветила помош за Авганистан во вредност од 200 милиони кинески јуани (31 милиони американски долари), вклучувајќи храна и вакцини против корона, и напоменува дека Талибанците во моментов се под притисок да ги решат економските проблеми во земјата.
Инфлацијата вртоглаво се зголемува, авганистанската национална валута тоне во бездна, а меѓу луѓето владее безнадежност бидејќи многумина останаа без работа и немаат готовина.
Светската програма за храна на Обединетите нации предупреди дека само 5,0 проценти од домаќинствата во Авганистан имаат доволно храна за секој ден.
Половина од испитаниците рекле дека снемале храна барем еднаш во последните две недели.
Фото: Getty Images