Претседателот на управата на аеродромот во Сплит, Лукша Новак, изјави дека станува збор за сериозен хакерски напад.
„Отпрвин не знаевме што се случи“
„Синоќа во 19:30 имавме пад на системот. Отпрвин не знаевме што точно се случи, им требаше извесно време на нашите експерти да утврдат дека се случил сериозен хакерски напад. Нашите служби работеа практично цела ноќ и сега тие работат Синоќа имавме осум експерти, а утринава тој број се зголеми на десетина луѓе кои работат на нормализирање на работата на аеродромот.
Но, ние вечерва донесовме одлука, без разлика што системите се уште не работат, ќе работиме на класичен стар начин. Ова го решивме во договор со компаниите кои ни ги испратија списоците на патници. Денеска планираме над 80 авиони и околу 25.000 патници. Во моментов немаме некои позначајни доцнења“, изјави Новак.
„Се појави порака со барање за преговори за плаќања“
„Што се однесува до хакерскиот напад, тој е сериозен, а имаше и порака дека се бара некаков вид на преговори за можни плаќања, но ставот на владата на Република Хрватска и аеродромот е дека преговорите се надвор од прашање, па затоа се обидуваме да најдеме други начини како да го активираме системот што е можно поскоро“, рече Новак и додаде дека името на групата Акира, која ја презеде одговорноста за хакерскиот напад, штотуку се појавила преку порака во системот за преговори.
„Дали тие стојат зад тоа или некој друг со исто име, сега не можеме да знаеме. Продолжуваме да работиме, ги известивме сите служби кои се задолжени за ваков тип на напад“, изјави Новак.
Тој додаде дека повеќето од патниците полетале од синоќа, само мал дел од летовите, додаде, се откажани.
Не се знае висината на штетата
На прашањето дали обезбедиле сместување за патниците, Новак објасни дека тоа е работа на компаниите со кои патниците летаат. Тој не можеше да ја процени висината на штетата додека се уште трае кризата.
„Ситуацијата сè уште не е нормализирана“
Заменик директорот на сплитскиот аеродром Перо Билас изјави дека ситуацијата сè уште не е нормализирана, но дека нема поголеми доцнења. Тој нагласи дека стручните тимови работат на обновување на системот, за што им треба одредено време. Кога точно ќе се случи – се уште не знаат.
„Со оглед на тоа што немаме поддршка од ИТ систем, сè уште правиме рачни регистрации на летови, токму овој дел од процесот на прифаќање и испраќање патници е покомплексен. А процесот на пристигнување на патници е многу поедноставен и се одвива без тешкотии.
Што се однесува до чекирањето на летот, ние ги правиме рачно. Ја зголемивме работната сила и засега оди многу добро. Досега приземјивме 19 авиони, уште осум се на пат, 14 авиони досега полетаа, а просечното доцнење е некаде околу 15 минути.
Денес имаме вкупно 90 големи комерцијални авиони и десетина авиони за општа авијација. Ако го задржиме ова темпо, се надеваме дека нема да има пренасочување на летовите кон алтернативни дестинации. Засега оди многу добро, се надеваме дека така ќе остане до крајот на денот“, изјави Билас.