Шилегов на градоначалникот на Тирана му подарил маица со мотиви од Скопје

од Vladimir Zorba
218 прегледи

Делегација од Град Скопје предводена од градоначалникот Петре Шилегов вчера оствари билатерална средба со градоначалникот на Тирана, Албанија, Ерион Велиај. Двајцата градоначалници разговараа за концептот на зелени градови, планирањето на просторот и за урбаната отпорност, теми кои беа во фокусот на вчерашниот четврти „17+1“ Форум на градоначалници на главни градови од Централна и Источна Европа и Кина, што се одржа во Тирана.

На средбата се зборуваше и за досегашната соработка меѓу Скопје и Тирана и за можностите таа соработка меѓу двата збратимени града да се продлабочи. Градоначалникот Шилегов изразил уверување дека двата града наскоро ќе бидат дел од европското семејство со надеж дека во блиска иднина двата града ќе бидат главни градови на држави членки на Европската Унија.

Шилегов на својот колега му подарил маица со мотиви од Скопје, а градоначалникот Велиај најавил дека со таа маица ќе трча на наредното издание на скопскиот маратон, пренесуваат од Градот.

Во паркот пред просториите на Град Тирана, пак, македонската делегација засади Дрво на Град Скопје, како симбол на меѓусебното пријателство.